На мирен протест пред Собранието на Република Северна Македонија, во паркот „Жена борец“, денеска се собраа родители и граѓани кои побараа крај на дискриминацијата и насилството врз лицата со попреченост – известува Радио МОФ. Повод за протестот беше случајот со 21-годишниот Никола Стојановски, млад човек со Даунов синдром, кој, според сведочењето на неговата мајка Сузана Стојановска, бил влечен за рака и бутнат надвор од канцеларија во Град Скопје, а неговиот ранец бил фрлен.
„Не сме тука како политичка група, туку како родители на млади и возрасни лица со попреченост кои секојдневно се борат за достоинствен живот и еднаквост. Овде сме бидејќи едно лице со Даунов синдром, вработено во јавна установа, беше жртва на дискриминација, психичко и физичко насилство“, изјави Стојановска.
Таа посочи дека нивните деца се вработени според Законот за вработување на лица со инвалидитет, со цел да придонесуваат во општеството, а не да бидат понижувани или игнорирани. „Ние не бараме милост, бараме правда. Законот гарантира еднакви услови, заштита и почитување на достоинството. Нема да молчиме пред насилството и дискриминацијата. Човековото достоинство нема попреченост.“
Родителите најавија дека случајот е пријавен во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Државниот инспекторат за труд и во Министерството за внатрешни работи, но засега немаат добиено одговор.
Во одговор за Радио МОФ, од Град Скопје потврдија дека родителот на Никола го пријавил инцидентот и дека станувало збор за „недоразбирање помеѓу колеги“. Од секторот за човечки ресурси извршиле медијација и, како што наведуваат, „мерките побарани од родителот се спроведени“. Од Градот додадоа дека во изминатите години вработиле повеќе лица со попреченост, но не ја промовирале таа инклузивност јавно „со цел да го заштитат нивното достоинство“.
„Правото на протест е неприкосновено, но барањата на родителите ни се непознати, бидејќи сè што беше побарано од страна на родителот е веќе реализирано“, стои во одговорот на Град Скопје.
Извор: Радио МОФ