Недела наутро:
Искрено секое утро ми започнува исто, па така и неделното утро. Со кафе. За мене денот не може да тргне никаде ако не се почне со кафе 🙂 Потоа веројатно продолжувам со она што го прави секоја девојка/жена во недела. Чистам и пуштам машини (хахахаха досадно, ама вистинито). Не претерувам, бидејќи сепак недела е ден за одмор, ама ете, нешто да се потсреди 🙂 Во меѓувреме правам уште едно кафе, или ако завршам со домашни обврски, излегувам најчесто со маж ми на кафе… Или ракија и салата 🙂
Недела на ручек:
Најчесто за неделен ручек решаваме да се почестиме со некоја добра пица, или правам шпагети, бидејќи тоа ни се омилените две јадења дома. Сакам да готвам, сакам да истражувам и пробувам секаков тип на храна, би поминала и часови во кујна… Само да има некој што ќе оди позади мене и ќе ми го средува хаосот…
Недела попладне:
Почитувам добра дремка после ручек во недела. Додуша ги почитувам дремките и во работни денови, ама не секогаш ја имаме таа можност. Уште и ако ми се погоди некој лабав филм – убавина. Мислам дека повеќето би се согласиле дека има разлика од спиење навечер во кревет и дремка попладне на кауч, има некоја топлина и удобност што ја обожавам.
Неделно опуштање:
Понекогаш си замислувам дека би можела во недела да си се посветам само на себе… На пример да купам маска за лице, да си направам некој добар пилинг, долго пенливо опуштање во када со краставици на очи, и после сè тоа да се стуткам во белата бањарка пред телевизор, да пуштам серија и да јадам пуканки во енормно голема чинија… Ама реално тоа баш и не личи на мене, па место тоа се опуштам со прифаќање на што и да ми понуди денот.
Недела навечер:
Вечерта најчесто е посветена за дружење, уживање во една од малкуте слободни вечери на мојот сакан. Шетаме, некогаш возиме и точаци и посетуваме локали на наши драги луѓе. И некако знаеш дека во недела ќе видиш конкретни луѓе на тие места, како договорени ама без договор. Таа неделна традиција со маж ми некако сама се создаде и си ја имаме одамна, недела си е наш ден 🙂
Недела во детството:
Недела ми е всушност омилен ден. Родена сум во недела. Како малечка имав едно убедување, дека во недела е секогаш сончево, без разлика дали е зима или лето. И најчесто беше така, дури и јас се чудев. Инаку недела како ден од моето детство, секогаш ќе буди сеќавање на топол дом, фамилијарен собир, мирис на прекрасен ручек, сите на едно место, на една маса, насмевки, креативни дискусии… Ете толку е лесно да си среќен 🙂 Тоа треба да се почитува додека се има, а ако се изгуби, нема никогаш да биде исто.
Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Немам никаков проблем со понеделниците, дури понекогаш и ги сакам, бидејќи се како нов почеток. Некако се стишуваат бесните улици, неприфатливите гласни музики од некои локали, лудите коли и мотори кои што владеат со градот за време на викенд. Убаво е, има некој мир во понеделниците 🙂