Јапонската компанија Tsubame Industries разви робот со четири тркала кој изгледа како оној од популарната јапонска анимирана серија „Mobile Suit Gundam“.
Станува збор за робот наречен ARCHAX, кој е висок 4,5 метри и чини 3 милиони долари. Неговиот кокпит е опремен со монитори кои го прикажуваат она што е снимено од камерите поставени надвор, а „пилотот“ сместен во торзото може да ги контролира шаките и рацете со помош на џојстици.
Роботот тежи 3,5 тони и ќе биде претставен на саемот за мобилност во Јапонија овој месец. Има два режима, исправен „режим на робот“ и „режим на возило“ во кој може да достигне брзина до 10 км/ч.
„Јапонија е добра во анимација, игри, роботи и автомобили, па помислив дека би било одлично ако направам производ што ги комбинира сите тие елементи во едно“, вели Рио Јошида, 25-годишниот директор на Tsubame Industries.
Неговиот план е да произведе и продаде пет роботи, но сонува дека еден ден тие ќе можат да помогнат при катастрофи или во вселенската индустрија.
Извор: poskok.info