Хуманоиден робот стана докторант на Универзитетот во Шангај

Кинескиот хуманоиден робот со име Сјуба 01 (Xueba 01) предизвика бура од реакции на социјалните мрежи откако беше официјално запишан на докторски студии по драмска уметност и филм на Академијата за драмски уметности во Шангај.

Овој четиригодишен докторски програм со фокус на традиционалната кинеска опера ќе го направи Сјуба 01 првиот робот-докторант во областа на уметностите, што ги отвори прашањата за улогата на вештачката интелигенција во креативните дисциплини.

Роботот е развиен од компанијата DroidUp Robotics во соработка со Универзитетот за наука и технологија во Шангај. Висок е 1,75 метри, тежи 30 килограми и е дизајниран со хуманоиден изглед, силиконска кожа и способност за експресивна мимика. Неговото име, „Сјуба“, е сленг во кинескиот јазик и значи „супер вреден студент“.

Прв ден како докторант – настап со традиционален оперски гест

Официјалниот упис се одржа во рамките на Светската конференција за вештачка интелигенција во Шангај. На церемонијата, Сјуба 01 изведе карактеристичен движење од Пекиншката опера, што инспирираше спонтана реакција кај студентите кои го имитираа роботот.

Професорот Јанг Ќингќинг, кој ќе биде ментор на роботот, оваа сцена ја опиша како „естетска размена меѓу човекот и машината“. Според него, вештачката интелигенција има потенцијал да стане активен чинител во процесот на уметничко истражување и создавање.

Реакции: Уметноста – простор за експерименти или човечка душа?

Иако развивачите го нарекуваат „AI уметник“, дел од јавноста останува скептичен. Многумина прашуваат дали е можно робот да ја пренесе емоционалната длабочина и суптилноста што ја бара традиционалната кинеска опера.

„Дури и најдобро програмиран алгоритам не може да почувствува болка, љубов или копнеж. А без тоа – каде е уметноста?“, напиша еден корисник на мрежата Веибо.

Постои и етички аспект. Некои уметници и академици се прашуваат дали е оправдано да се инвестираат толку ресурси во еден робот, кога бројни млади актери и уметници живеат со ниски плати и без сигурна работа.

Каде е границата?

Покрај скепсата, има и оние што ја поддржуваат идејата. Дел од научната и технолошка заедница гледа во ова упис не само технолошки пробив, туку и можност за нов вид естетика – спој на традиција и иновација.

„Ако вештачката интелигенција може да го репродуцира гласот, движењата и изразите на човекот – зошто да не ја користиме како алатка за зачувување и трансформација на културното наследство?“, изјави истражувач од Универзитетот во Пекинг.

Според Академијата во Шангај, Сјуба 01 ќе учествува во наставата, пробите и ќе работи на оригинален докторски труд. Целта не е само технолошка демонстрација, туку и создавање на нови форми на изведба, каде што машината не ја заменува уметноста – туку ја надополнува.

Случајот со Сјуба 01 повторно ја отвора дебатата за тоа каде завршува човекот, а каде почнува машината – особено кога е во прашање она што со векови се сметало за исклучиво човечко: уметноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни