Користејќи три раце со светлечки палки за да диригира и повремено одржувајќи различно темпо за поединечни групи во оркестарот, механичкиот маестро заработи громогласен аплауз по премиерата на „Robotersinfonie“ (Роботска симфонија) во концертната сала Хелерау во Дрезден.
Маркус Риндт, директор на Симфонискиот оркестар во Дрезден, рече дека за проектот успеал да добие помош од експерти од Техничкиот универзитет во Дрезден.
Машината диригент, опремена со седум зглобови, „научи“ како да одржува ритам и да пренесе динамика, рече Риндт.
Во сличен потфат, робот-диригент воден од вештачка интелигенција диригирал со оркестар во Јужна Кореја минатата година. Организаторите на проектот во Дрезден велат дека музичарите не треба да стравуваат дека некој ќе ги замени.
„Не ни е цел во иднина да ги замениме диригентите“, рече Риндт. „Целта е да се пробие нов терен и да се истражат музичките можности со помош на роботи“, додаде тој.
Симфонискиот оркестар на Дрезден прослави 25 години со концерт на кој настапуваат музичари од реномирани германски и странски оркестри и современо парче сложени ритми создадени за „хибридна“ изведба со робот-диригент.
Во Македонија беше промовиран и првиот робот диџеј „Алшар“, кој по повод Денот на независноста пушташе музика во Охрид. Овој робот диџеј е дизајниран од друштвото за истражување и развој Сефиданис, кој со помош на вештачка интелигенција може автономно да создава уникатни музички дела.