Роберт Де Ниро: Трамп никогаш нема да си замине. На Американците е да се ослободат од него

Роберт Де Ниро во интервју изјави дека Доналд Трамп „никогаш нема да си замине“ и повика на отпор. Новите анкети покажуваат пад на довербата кај дел од американската јавност.

Актерот и добитник на Оскар, Роберт Де Ниро, изнесе свое предвидување дека Доналд Трамп „никогаш нема да си замине“ од функцијата и дека на Американците е да се „ослободат“ од него.

Додека Доналд Трамп одржуваше речиси двочасовно обраќање за состојбата на нацијата, во период кога неговата поддршка во анкетите за економијата опаѓа, Де Ниро имаше емотивно гостување во емисијата MS NOW, каде повика на отпор кон актуелната администрација, пренесува Euronews.

Де Ниро, кој со години е остар критичар на Трамп, изјави дека американскиот претседател „никогаш нема да си замине“ и дека граѓаните треба да го оттурнат од политичката сцена. „Тој никогаш нема да си замине. Мораме да го натераме да замине“, рече актерот, додавајќи дека шегите околу национализација на изборите не треба да се сфаќаат како нешто безопасно.

Запрашан дали верува дека Трамп ќе се повлече по три години, согласно Уставот кој предвидува максимум два претседателски мандати, 82-годишниот актер одговори дека не очекува тоа да се случи. „Нема шанси. Да не се залажуваме – нема да си замине. На нас е да се ослободиме од него“, изјави Де Ниро.

Тој додаде дека ситуацијата ја гледа како борба за иднината на земјата, повикувајќи ги граѓаните да се спротивстават и да бидат активни. „Луѓето мора да се спротивстават, нема лесен начин. Понекогаш мора да поминете низ оган за да излезете од него“, рече актерот.

Во пресрет на говорот за состојбата на нацијата, анкета на Reuters и Ipsos покажа дека шест од десет Американци сметаат дека Трамп со годините станал понестабилен. Според истражувањето, 61 процент од испитаниците – вклучувајќи 89 проценти демократи, 30 проценти републиканци и 64 проценти независни – го опишале како личност која „станала понестабилна со текот на времето“.

Анкетата исто така покажала дека мнозинството Американци сметаат оти политичкото раководство во САД е престаро, при што 79 проценти од испитаниците се согласиле со ставот дека избраните функционери во Вашингтон се премногу возрасни за да ја претставуваат поголемиот дел од населението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни