Роберт де Ниро: Копола ме одби за првиот дел на „Кум“ – му благодарам за тоа

Роберт де Ниро му оддаде посебна почит на големиот режисер Френсис Форд Копола, но и му се заблагодари што го одбил на аудицијата за првиот дел од легендарниот филм Кум.

Иако де Ниро две години подоцна го освои својот прв Оскар за улогата на младиот Вито Корлеоне во Кум 2, на аудицијата за првиот дел не успеал да добие улога. Тогаш младиот актер се натпреварувал за улогата на Сони Корлеоне, која на крајот му припаднала на Џејмс Кан.

„Френсис, ти благодарам што не ме прифати за улога во првиот Кум“, рече де Ниро на свеченоста на Американскиот филмски институт во Лос Анџелес, каде што Копола ја доби Наградата за животно дело. „Тоа беше најдобрата работа што никогаш не сум ја добил – и благодарение на тоа бев слободен за Кум 2. Ми ја смени кариерата, ми го смени животот. Сите сме овде вечерва поради тебе. Те сакаме“, додаде тој.

На сцената му се придружи и Ал Пачино, кој во сите три дела на трилогијата го глумеше Мајкл Корлеоне. Тој со насмевка изјави: „Работите поради кои те отпуштаат кога си млад, се истите поради кои ти доделуваат награди подоцна во животот.“ И потсети дека Копола постојано се борел за актерите и за сопствената визија – што речиси му ја чинело кариерата.

„Секој момент беше закана за отказ. Сите можевме да бидеме заменети. Но не бевме – и денес, години подоцна, сме тука да му се заблагодариме“, рече Пачино.

Филмот Кум, објавен во 1972 година, стана огромен успех и извесно време беше најпрофитабилниот филм во историјата. Трилогијата освои три Оскари (од вкупно 11 номинации), вклучувајќи и за најдобар филм и најдобар актер (Марлон Брандо, кој ја одби наградата во знак на протест поради приказот на домородните Американци во Холивуд).

Копола неодамна го заврши својот долгоочекуван проект Megalopolis, кој и покрај големите очекувања не доживеа комерцијален успех. Сепак, тој останува едно од највлијателните имиња во филмската индустрија и е почитуван поради својата бескомпромисна уметничка визија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни