Македонските граѓани би можеле во иднина да користат мобилни услуги во Европската Унија без дополнителни трошоци, откако Европската комисија најави проширување на европската роаминг-зона кон земјите од Западен Балкан.
Во Брисел се отвора процес за билатерални преговори со Северна Македонија и останатите регионални партнери, додека во Скопје се финализира законската рамка што треба да ја приближи земјата до моделот „Роаминг како дома“.
Точен рок за воведување засега нема, бидејќи процесот зависи од договори со европските телекомуникациски оператори и од усогласување со правилата на ЕУ. Во моментов, роамингот во ЕУ е без дополнителни трошоци, додека во Западен Балкан постои горна граница на цените, а дел од операторите нудат ограничени попусти.
Доколку преговорите завршат успешно, граѓаните и компаниите од Македонија ќе можат да користат интернет, повици и пораки низ Унијата по домашни тарифи – чекор што се гледа и како практично приближување кон европскиот дигитален пазар.