Роџер Вотерс не е заинтересиран за обединување на „Пинк флојд“

Фото: Викимедија/Andrés Ibarra

Роџер Вотерс ја отфрли идејата за обединување на „Пинк Флојд“ и за повторно настапување заедно, истакнувајќи дека е зафатен со други работи, вклучително и работа на нов албум и пишување мемоари.

Во интервју за Ројтерс, гитаристот, пејач и текстописец вели дека го сака и цени времето поминато со рок групата која тој ја коосноваше во 1965 година, но дека нема планови да настапува заедно со двајцата други членови на бендот, тапанарот Ник Мејсон и гитаристот Дејвид Гилмор.

Вотерс беше главната креативна сила на албумите „The Dark Side of the Moon“ и „The Wall“, но го напушти „Пинк Флојд“ во 1985 поради лични и креативни разлики.

Во годините кои следеја, Вотерс беше дел од неколку правни случаи за користење на името на бендот, откако останатите членови продолжија да настапуваат без него.

Тој и Гилмор со години не се согласуваат, а неодамна се судрија и на социјалните мрежи околу руско-украинската војна.

Тој кажа дека обединувањето на „Пинк Флојд“ буди носталгија кај луѓето, но додаде дека тоа не е за него.

Последниот настап на „Пинк Флојд“ се случи во 2005 година во Лондон на Live 8 концертот за добротворни цели, кога Вотерс им се приклучи на Мејсон, со кого е во пријателски односи, Гилмор и на Ричард Рајт на сцената.

„Настапивме. И не жалам, бидејќи Рик беше се уште жив, мило ми е што имавме можност да отсвириме неколку песни“ рече Вотерс.

Тој додаде дека бендот настапил добро и дека тоа им се допаднало на луѓето, но дека не би се повторил настапот, бидејќи сега се преостанати само тројца членови од бендот откако Рајт почина во 2008 година.

Првиот фронтмент на бендот Сид Барет, кој го напушти „Пинк Флојд“ во 1968 година поради неговото однесување и користењето на дрога, почина во 2006 година.

Извор: Ројтерс

Најново

Последни колумни