Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе нов Правилник за лиценци, кој стапи во сила денеска и со кој се менуваат правилата за работа на енергетските компании.
Од Комисијата информираат дека со новиот правилник се поедноставува постапката за добивање лиценца, пред сè преку намалување на бројот на административни документи што компаниите треба да ги достават при аплицирање.
Правилникот е усогласен со обврските од Законот за енергетика, а истовремено се зајакнуваат и условите за компаниите што сакаат да добијат лиценца за трговија и снабдување со електрична енергија. Според новите правила, тие ќе мора да обезбедат гаранција дека располагаат со најмалку 100.000 евра на сметка или во основни средства.
Со новиот правилник се воведуваат и нови енергетски дејности, меѓу кои складирање на гас, производство на биометан, производство на водород и биогорива, како и полнење и продажба на садови под притисок со течен нафтен гас и трговија со компримиран или течен гас и водород.
Од РКЕ посочуваат дека вршителите на енергетски дејности кои не се опфатени во Законот за енергетика ќе можат да продолжат да работат без лиценца најмногу три месеци од донесувањето на правилникот, при што во тој рок треба да поднесат барање за лиценца за соодветна дејност.
Комисијата најавува и дека веднаш штом се создадат технички услови, постапката за добивање лиценци ќе биде целосно дигитализирана и ќе се спроведува преку Националниот портал за електронска комуникација.