РК Алкалоид со 29:25 го победи атински АЕК на гостински терен во првиот меч од финалниот двобој во Европскиот ракометен куп.
Првото полувреме почна неизвесно, изедначено, двете екипи се менуваа во водство, АЕК имаше предност од 14-12 кога Алкалоид направи серија од 4-0 и на одморот се замина со 16-14 за македонскиот тим.Во второто полувреме Алкалоид комплетно го контролираше натпреварот и на крајот дојде до победа од високи 29-25.
Голманот Иван Галевски одбрани пет пенали, вкупно запиша девет интервенции, десет одбрани имаше Марко Кизиќ.
Најефикасен во составот на Алкалоид беше Мартин Серафимов со шест голови, пет имаше Франциско Да Силва.
Реванш натпреварот е за седум дена, на 25. мај со почеток од 20:30 часот во салата „Борис Трајковски“ а за да биде шампион Алкалоид може и да загуби со помалку од четири голови разлика.