Атински АЕК во 18 часот по македонско, во 19 часот по локално време, денеска го пречекува РК Алкалоид во првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп во олимписката сала „Сунел арена“, што се очекува да биде речиси целосно исполнета, но и покрај тоа, атмосферата во македонскиот тим, според тренерот Кире Лазаров е одична и со позитивно размислување ќе излезат на терен, јави дописничката на МИА од Атина.
РК Алкалоид во петокот вечерта пристигна во грчката метропола, а ракометарите вчера го одработија својот тренинг во салата каде што ќе се одигра натпреварот.
– Полни со енергија, елан и голема желба за успех, ракометарите на РК Алкалоид ги одработија последните задачи пред натпреварот во рамки на финалето на Европскиот Куп на ЕХФ против АЕК Атина во Грција, напишаа од клубот на социјалните мрежи и објавија видео од последните подготовки.
Кусо пред вчерашниот тренинг и на нешто повеќе од 24 часа пред дуелот, тренерот Кире Лазаров за МИА ја пренесе атмосферата во тимот и истакна дека за младите и пред сè надежни ракометари, ова е прво и големо вакво искуство, да се игра, европско финале.
– Со позитивна атмосфера и позитивно размислување тргнуваме кон финалето. Поминавме многу долг пат за да стигнеме до ова финале, не беше воопшто лесно, елиминиравме многу добри противници, во голем дел од тие натпревари доминиравме со победи и на домашен терен и на гости, меѓутоа моето искуство кажува дека секој противник треба да го почитувате, особено противник кој исто така како и тебе дошол до едно големо финале исто на еден доминантен начин. АЕК како тим веќе има такво искуство, има освоено европски куп, има изгубено едно финале, така да тие како клуб го имаат почувствувано тоа и знаат како да се постават, но сакам да кажам дека секој има свои сметки и свои математики, така и ние и се надеваме дека ќе бидеме на потребното ниво, да бидеме во најмала рака компетитивни утре, објасни Лазаров.
Реваншот на историско финале за Алкалоид, ќе се одигра за една седмица во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.