Ново истражување открива ризици од лекови како Оземпик

Нова студија предупредува на зголемен ризик од проблеми со коските и тетивите кај луѓето што користат лекови за слабеење како Озeмпик.

Нова научна студија укажува на можни сериозни несакани ефекти од лековите за слабеење од групата GLP-1, меѓу кои се и Озeмпик и Вегови. Анализата на податоци од речиси 150.000 пациенти покажала зголемен ризик од нарушувања на коските и други ортопедски проблеми кај луѓето кои ги користат овие терапии.

Истражувањето, претставено на годишниот состанок на Американската академија на ортопедски хирурзи, покажало дека во период од пет години ризикот од остеопороза (болест која ги прави коските кревки и лесно кршливи) е зголемен за речиси 30 проценти кај луѓето што земаат GLP-1 лекови.

Дополнително, ризикот од гихт, воспалително заболување на зглобовите предизвикано од натрупување кристали, бил поголем за околу 12 проценти. Ризикот од остеомалација, односно омекнување на коските поради недостиг на минерали, бил зголемен за повеќе од 150 проценти, иако овој поредок поретко се јавува.

Еден од авторите на студијата, професорот по клиничка ортопедска хирургија на Универзитетот Пенсилванија, Џон Габриел Хорнеф, изјавил дека резултатите биле значително поголеми од очекуваното.

Дополнителни ризици

Во одделна анализа презентирана на истата конференција, истражувачите утврдиле дека употребата на GLP-1 лекови може да биде поврзана и со околу 50 проценти поголем ризик од пукање на одредени тетиви во период од пет години.

Меѓу нив се тетивите на големиот градниот мускул, ротаторната манжетна која го стабилизира рамото и Ахиловата тетива.

Научниците почнале да го истражуваат овој феномен откако забележале необичен образец на повреди кај пациенти. Наместо при напорни физички активности, некои пациенти пријавувале дека тетивите им се оштетиле при сосема едноставни движења.

Зошто може да се случува ова

Една од хипотезите е дека GLP-1 лековите можат да влијаат врз хормоните кои се важни за метаболизмот на коските. Друга можност е поврзана со самото слабеење.

Намалениот апетит може да доведе до недоволен внес на хранливи материи и минерали, што може да влијае врз обновувањето на коскеното ткиво. Дополнително, научниците посочуваат дека брзото губење на тежина може да го промени механичкото оптоварување врз скелетот.

Што велат експертите

Професорот по медицина на Универзитетот Тафтс, Клифорд Розен, кој не учествувал во студијата, вели дека на ниво на цела популација ризикот останува релативно мал.

Сепак, кај одредени групи (особено кај жени во менопауза) дури и умерено зголемување на ризикот може да има сериозни последици.

Научниците нагласуваат дека студијата покажува поврзаност, но не и директна причинско-последична врска. Сепак, резултатите отвораат нови прашања за долгорочните ефекти на лековите за слабеење.

Фармацевтските компании веќе работат на нови формулации кои би требало да го намалат потенцијалниот губиток на коскена маса.

И покрај овие наоди, лекарите нагласуваат дека GLP-1 лековите имаат и значајни придобивки, како што се подобра контрола на шеќерот во крвта, значително слабеење и намален ризик од кардиоваскуларни болести.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни