Оставки во тишина

Иронијата во овој текст не е непочитување кон семејствата на жртвите и повредените во трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани. Напротив, целта е да се укаже на нескриените обиди за цензура на независните, критички настроени медиуми од страна на власта, на обидите за контрола на наративот и пренасочување на вниманието.

Последна молитва на моето тело

Црн е твојот ветар, а ноќта бела
и секој дамар напнат од зрелина.
Застани како меч во овој дрворед од тела
пред да се срушиш заслепено со белина.

Но и тогаш играта ќе продолжи пак
со иста таинственост и иста чедност.
И тие треви што ќе те покријат со мрак
ќе изгорат во пожарот на твојата жедност.


Ацо Шопов, „Небиднина“, 1963 г.

Решив да молчам. Да „не паламудам“. Да не расфрлам со пердуви. Да се затворам дома, да ја заклучам вратата, да ги изгаснам светлата и да не зборувам со никого. Да не се огрешам, оти за уши од дома ќе ме извадат.

Решив да не ја вознемируваме јавноста. Да не пренесуваме емоции. Да не креваме врева. Да не фотографираме. Да не снимаме. Да нема „емотивно набиени наративи“. Да ги пренесуваме само соопштенијата од властите. Оти, владата знае најдобро што е етичко новинарство.

Решив да не поставуваме ниту прашања. Нема што да прашуваме, нема што да се интересираме. Сите прашања се одговорени. Нема што да мислиме. Има кој да мисли за нас.

Решив и да не читам многу вести, да не ми влијае на менталното здравје. Особено не на некои си таму медиуми што не се медиуми, новинари што не се новинари. Телевизија ионака одамна не гледам.

Решив да не повикувам на граѓански собири против системот, оти системот еве веќе се бори против системот. Корумпираниот. Успешно. Ако некој друг повика на собир, не одам. Да не се прават гужви, оти полицијата е потребна на друго место.

Решив да го закопам во длабока тишина тоа што го носам неизречено, што ме притиска и пече, и да чекам тишината сама да го рече. Чекам оставки во тишина.

Суптилен притисок кон општа самоцензура

Иронијата во овој текст не е непочитување кон семејствата на жртвите и повредените во трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани. Напротив, целта е да се укаже на нескриените обиди за цензура на независните, критички настроени медиуми од страна на власта, на обидите за контрола на наративот и пренасочување на вниманието.

Македонската власт, од 17.03.2025 г. наваму, го покажа своето вистинско авторитарно и цензорско лице. Особено на денот на погребот. Медиумите беа бомбардирани со соопштенија, од владата, од регулаторите, од здруженијата, да не случајно објават нешто што нема да им се допадне на партиите на власт. Под плаштот на одбрана на професионалноста, затскриено меѓу општо познати стандарди кои секој професионален медиум ионака ги следи, владата ги подучи новинарите што треба, а што не треба да фотографираат, да снимаат, какви наслови да ставаат, дали да има емоции или да биде копија на нивните штури соопштенија и говори. Зад превезот, пак, на справувањето со дезинформациите, се изгради препрека и за информациите. Се случи токму она што авторитарните режими го прават за да ја потиснат слободата на говор.

Ова создаде состојба на исклучително високо ниво на самоцензура во македонските медиуми. Во нив тешко ќе најдете приказни за животот на жртвите, за нивните семејства, роднини, нема да прочитате за обичниот човек, за загубата, за успесите, за надежите и потенцијалите, за нивното влијание во заедницата. Нема да ја видите тагата и нема да го чуете лелекот. Оти нели, тоа е премногу емотивно.

Постојат правила како се интервјуираат семејства на жртви во големи трагедии и тие правила искусните новинари ги знаат. Секогаш се третираат со достоинство и почит, чувствително, со знаење какви прашања треба да постават и кога треба да се повлечат. Фоторепортерите, исто така, си имаат свој посебен пристап, ненаметлив и со почит. Но, исклучително е важно ваквите трагедии да бидат документирани, да остане трага во медиумските архиви, да биде запишано во колективната меморија.

Нескриен обид за контрола на студентите

Новинар на Мета.мк беше брутално нападнат на социјалните мрежи со лажни обвинувања дека организира собири. Неговата фотографија беше залепена во десетици објави на Фејсбук и Твитер со повици за негово апсење и физички напад. Иако случајот беше пријавен, немаше никаква реакција.

Нападот се случи поради тоа што на социјалните мрежи беше објавена снимка од министерката за образование и наука Весна Јаневска и нејзиниот говор пред студентите на кампусот на УКИМ, кога беше исвиркана. Се собраа повеќе илјади студенти и средношколци да им оддадат почит на загинатите. Наместо студентски, собирот се претвори во лошо подготвен ПР настан кој излезе од контрола.

Само една телевизија и неколку онлајн медиуми објавија дека студентите ја исвиркаа министерката. Сепак, на социјалните мрежи приказната беше поинаква. Видеото беше објавено и стана вирално. Истата вечер се активираа партиските ботови и започнаа хајка преку анонимни профили и групи.

Четири дена подоцна, кога министерката конечно повторно се појави во јавноста, ниту еден новинар, ниту еден медиум не ја праша како се нашла на говорницата заедно со ректорката да држат говори на студентски собир. Никој не ја праша дали ќе си поднесе оставка поради непочитувањето на студентите во моментите кога тие жалат за своите починати колеги – за десетици млади луѓе кои го загубија животот и стотици повредени од кои дел сè уште се борат да преживеат во странските болници.

Во својот говор, министерката, покрај другото ја изрецитира песната „Во тишина“ од Ацо Шопов. Да, точно е оти тишината понекогаш може многу погласно да укаже на вистината отколку најгласните зборови. Но, кога студентите на тишина ги повикува власта, се раѓаат сомнежи дека овде се пее некоја друга песна.

Можеше пишувачот на говорот навистина да одбере некоја друга песна од Шопов, поприкладна за студентски собир по најголемата трагедија што ја погоди младината на земјава. Последна молитва на моето тело од збирката „Небиднина“ издадена во 1963 година ќе звучеше пореалистично на платото на УКИМ тој ден. Само не со гласот на министерката, туку со гласот на студентите.

Горан Ризаов/

Мета.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни