Ристо Пенов – Ме фаќа страв како се нафаќаат луѓе да бидат градоначалници

Интервју со Ристо Пенов, првиот избран градоначалник на Скопје, за урбаниот хаос, нестручноста и „невидливите“ проблеми што го гушат градот. Дали Скопје има иднина без системски промени?

Во време кога Скопје се соочува со урбан хаос и системски проблеми, поранешниот градоначалник Ристо Пенов нуди еден од свој поглед на состојбите во главниот град. Како прв директно избран градоначалник на Скопје по независноста на Македонија, Пенов не зборува со носталгија, туку со прецизност на човек што знае како и зошто функционираат или не функционираат урбаните системи.

Во интервјуто за Трн, тој зборува за ентузијазмот и предизвиците од неговото време, кога „немавме ни една ингеренција“, но сепак се реконструираа 114 улици и се воведоа основни инфраструктурни решенија како атмосферска канализација. Според него, денешните проблеми на Скопје се резултат на децении нефункционален систем, недостиг на знаење и запоставување на т.н. „невидливи“ проекти. Од јавниот превоз до загадувањето, од дивиот урбанизам до распаднатите комунални услуги, Пенов нуди прецизна дијагноза за градот што, според него, одамна изгубил контрола врз себе.

„Ме фаќа страв како се нафаќаат луѓе да бидат градоначалници – не заради храброст, туку заради неразбирање што ги чека,“ истакнува тој.

Ова интервју не е само ретроспектива на минатото, туку аларм за иднината. Пенов повикува на системско ресетирање и враќање на стручноста. Во интервјуто што го направивме, Пенов не нè воведе само во својот мандат, туку и во еден поширок контекст на урбано планирање, системски пропусти и потребата од знаење кое, како што вели, го „нема веќе.”

Скопје без ингеренции, но со ентузијазам

„Сега кога се враќам на тоа време, тоа е време на голем ентузијазам,“ вели Пенов. Скопје тогаш немало оригинални ингеренции – градот не располагал со сопствени пари, ниту со вистинска автономија. „За сè што работевме, моравме да бараме дозвола од некое министерство или државна институција.“

Сепак, во два мандати, успеале да реконструираат дури 114 улици, нешто што денес звучи речиси невозможно. „Не беа тоа само обични реконструкции – за прв пат воведовме атмосферска канализација. Скопје плуваше после секој дожд.“

Ова е само еден од примерите каде Пенов ја гледа вредноста на „невидливите проекти“, кои иако не се фотогенични, се клучни за нормално живеење.

Град што расте без систем

Пенов зборува и за денешниот Скопје како за „град без систем“. Приватизацијата на топлификацијата, недоволното ширење на мрежата, недостигот на вода и загадувањето се симптоми на истиот проблем: „Сите тие системи страдаат, и некој треба да ја врати ингеренцијата во градот.“

Критичен е и кон законите кои дозволуваат целосна искористеност на парцелите: „Никаде во светот не постои 100% искористеност на парцела. Ти треба простор и за живеење, и за паркирање, и за воздух.“

Јавниот превоз – повеќе од автобуси

Кога зборува за јавниот превоз, Пенов е јасен: „Автобусите не се решение ако заглавуваат во гужва. Потребна е жолта лента, која ќе се почитува. Но, тука доаѓаме до друг проблем – сообраќајната полиција е државна. Градот нема ингеренција ни таму.“

Прашан за трамвајот или BRT системот, изјавува радикално: „Ниедно ни друго. Само жолта лента и контрола – тоа е почетокот.“

Кандидати без знаење, системи без кадар

„Ме фаќа страв кога гледам како луѓе се нафаќаат да бидат градоначалници,“ вели Пенов отворено. За него, градот бара „големи инвестиции и големо знаење, не само кај градоначалникот, туку и кај кадарот кој веќе не постои.“

Како пример, ја споменува изградбата на мостови и спортската сала: „Немавме стручњаци. Моравме да бараме луѓе од Белгија и пензионирани инженери од Македонија. Тоа не е нацрт само – тоа е жив процес.“

Што после Арсовска?

На прашањето кои се приоритетите за следната администрација, Пенов без двоумење одговара: „Загадување, ѓубре, јавен превоз. Ништо од ова не е решено.“

Спомнува анализа од Светска банка од 2002 година за отпадот која никој не ја имплементирал. Говори и за потребата од механизација, не само собирање отпад, туку метење улици, одржување зеленила, и сеопфатно чистење.

Скопје – град со душа, но без рамка

Ристо Пенов останува доследен во една идеја – дека Скопје не смее да се води со „шминка“ и популизам. „Подобро е да решиш атмосферска канализација, отколку да ставиш клупа. Но клупата се гледа, канализацијата не се гледа.“

Скопје, според него, не бара само градоначалник – бара визија, знаење и систем. „Ако нема системско решавање, ќе се давиме во истите проблеми уште долго.

За Ристо Пенов, градот не е функција, туку жива приказна – со сеќавања, одговорности и долгови кон иднината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни