„Годинава, 11 јуни, по повод Светскиот ден на рисот, решивме да го одбележиме малку поурбано, со тоа што го отвораме муралот на Театар Комедија. Муралот е слика од рисот кој го фативме во Националниот парк Маврово и го крстивме Бистри. Го имавме сликано неколку пати по неговото заловување. Имаше едни многу убави слики во анфас и решивме една од нив да ја овековечиме вака – да ја нацртаме во стил на цртан филм,“ изјави Диме Меловски, проектен координатор на програмата за балканскиот рис при МЕД.

Идејата за муралот добила поддршка од директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов, како и од уметник кој доброволно се вклучил да ја пренесе сликата на рисот на ѕидот на театрот.
„Наидовме на многу добра соработка од страна на директорот, ни ги отвори вратите. Стапивме во контакт и со еден цртач кој што беше заинтересиран да го овековечи ова. Многу сме среќни што на вакво прометно место, ете и другите луѓе ќе можат да го видат и нешто да научат за рисот. Пред Театар Комедија поставена е и инфо табла со основни информации за балканскиот рис, а QR кодот води до новата интернет страница посветена на ова животно – balkanlynx.com.

За Меловски, рисот е многу повеќе од објект на истражување – тој е животна посвета.
„За мене лично значи многу, бидејќи целиот мој професионален живот, мојата кариера ја посветив на заштитата на балканскиот рис. Веќе скоро 20 години активно работам на овој проект. Го посветив животот, верувам во оваа иницијатива, верувам во програмата, и доколку продолжиме да работиме на заштита на рисот, ќе го доведеме до прав пат и нема веќе да биде критично загрозен. Така да, ете, скоро 20 години навршуваме од програмата, дел од неа сум веќе од самиот почеток и мислам дека за некоја година ќе нема веќе да зборуваме за неговиот критичен статус, туку ќе зборуваме за тоа како да се самоодржува популацијата на рисот.“

Директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов, ја истакна радоста од соработката со МЕД, споделувајќи ја симболиката на заедничката посветеност: „Велат, исти птици во исто јато летаат.“
По свеченото откривање на муралот и обраќањата, тимот на МЕД и нивните соработници продолжија во неформална атмосфера во Бистро Комедија, каде што разговараа за досегашните успеси и идеи за идни активности поврзани со заштитата на балканскиот рис.

КЛУЧНИ БРОЈКИ ЗА БАЛКАНСКИОТ РИС
- 80% од вкупната популација на балканскиот рис живее во Македонија.
- Проектот за закрепнување започна во 2006 година.
- Вкупната популација брои само 30–35 единки, главно во западниот дел на земјата — Маврово и околината.
- Тековната фаза има за цел внесување нови единки за генетско освежување.
- Мал број рисови се присутни во Албанија, а уште помалку во Косово.

УСПЕХОТ ЗА ПОПУЛАЦИЈАТА ЗАВИСИ И ОД ЗАЕДНИЦАТА
Клучен фактор за успехот на програмата е вклученоста на локалните заедници — ветеринари, новинари, љубители на природата, но и ловџии, шумари и ловочувари од западна Македонија кои активно учествуваат во мониторингот и теренските активности. Така се гради доверба и заедничка одговорност.
Резултатите не се само на терен. На меѓународно ниво, рисот е вклучен во Апендикс 1 на Бернската конвенција и во директивата за миграторни видови — највисок степен на заштита. Се работи и на негово официјално признавање како посебен подвид, што ќе донесе дополнителни ресурси за негово зачувување.
Балканскиот рис не е само биолошко богатство, туку и национален симбол. Сѐ поголемиот интерес кај граѓаните и чувството на гордост што тој е дел од нашата фауна, се надеваат од МЕД, ќе придонесат за негово трајно зачувување.

FUN FACTS – ЗОШТО Е РИСОТ ТОЛКУ ВОЗБУДЛИВ?
- Како ги следиме?
Досега се фатени и обележани 15 риса со GPS-околувратници што овозможуваат следење на нивното движење. - Имаат ли имиња?
Да! Имаат имиња како Ристе, Марко, Нела, Маја. Фотографираните добиваат кодни имиња — Б1, Б2, Б3… - Колку долго живеат?
Во природата рисовите живеат до 10 години, а во заробеништво до 20 години. - Самотници се!
Рисовите не живеат во групи. Малечките остануваат со мајката околу 11 месеци, потоа почнуваат самостоен живот. - Зошто младите рисови тешко преживуваат?
Само 50% од младите преживуваат до зрелост — се ранливи на предатори како лисици, на болести и недостаток од храна.
Муралот на Бистри претставува нов симбол на урбаната екологија и повик до граѓаните да се запознаат, зачуваат и почитуваат оваа уникатна и елегантна дива мачка – симбол на биодиверзитетот во Македонија.
А токму тоа го направи МЕД — со боја, страст и истрајна грижа која трае веќе две децении.