Ринго Стар го прослави 85-тиот роденден со порака за „Мир и љубов“ – прогласен Ден на Ринго во Беверли Хилс

Легендарниот тапанар на „Битлси“, Ринго Стар, во понеделникот го прослави својот 85-ти роденден со традиционалната прослава на „Мир и љубов“ во Лос Анџелес, опкружен со пријатели, колеги музичари и обожаватели.

Настанот беше збогатен со настапи на ѕвезди како Џексон Браун, Луциус и други, а покрај музиката, точно напладне беше упатена годишната порака на Ринго за „мир и љубов“, која годинава имаше и вселенска димензија – беше испратена од контролата на мисијата во Хјустон до Меѓународната вселенска станица.

На роденденската прослава му се придружија бројни славни личности, меѓу кои и гитаристот на „Иглс“ и зет на Ринго – Џо Волш, членовите на неговиот бенд „Ол-Стар“, Т. Боун Барнет, Линда Пери, Мет Сорум, Дајан Ворен и Ричард Маркс.

Во чест на овој значаен јубилеј, градоначалничката на Беверли Хилс, Шарона Назаријан, го прогласи 7 јули 2025 година за официјален „Ден на Ринго Стар“ во Беверли Хилс.

„Ринго, денес те славиме тебе, твојата музика, твојот дух и твојата порака за мир и љубов што одекнува далеку над сцената, а денес, буквално во вселената“, рече Назаријан. „Во време кога светот е поделен, убаво е да се собереме и да славиме токму тоа што нè обединува – мир, љубов и Ринго Стар.“

Видно трогнат, Ринго се присети на своето скромно потекло од Ливерпул: „Знаете, живеев во Адмирал Гроув, не можев ни да замислам дека еден ден ќе бидам тука… но завршив во добар бенд.“

„Го обожавам ова место. Ги сакам луѓето. Љубовта и мирот што се покажуваат тука се навистина неверојатни“, додаде тој.

Честитка до својот долгогодишен пријател и колега од „Битлси“ упати и Пол Мекартни, кој на социјалните мрежи напиша: „Многу среќен роденден на мојот драг пријател, Ринго (или треба да кажам, Сер Ричард). Се надевам дека ќе имаш прекрасен ден полн со љубов.“

Ринго Стар и годинава останува верен на својата мисија – да шири пораки на мир и љубов, кои, очигледно, одекнуваат и надвор од оваа планета.

Извор: lakesmedianetwork

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни