Археолог во Турција отворил римско стаклено шише во кое очекувал парфем или козметика. Наместо тоа, хемиската анализа покажала дека шишето од II век содржело човечки измет измешан со мајчина душица. Истражувачите велат дека тоа е прво директно физичко доказ дека Римјаните навистина користеле измет како лек — нешто за кое пишувале античките лекари, но никој досега не го потврдил со наод.
Шишето изгледало обично, додека не го отвориле
Ченкер Атила, археолог на Универзитетот Џумхуриет во Турција, го забележал шишето во магацинот на Музејот во Бергама додека работел на сосема друг проект. Стаклениот сад од типот унгуентариум, со форма на свеќник, типично се користел за парфеми и козметички масла. Шишето, датирано во II век н.е., имало глинен затворач и темносмеафкава маса на внатрешните ѕидови.
Кога истражувачите ја анализирале таа маса со гасна хроматографија, нашле хемиски маркери карактеристични за човечки измет. Плус висока концентрација на мајчина душица и маслиново масло.
Гален го препишувал, но никој не верувал дека навистина го правеле
Прашањето не беше дали Римјаните знаеле за вакви рецепти. Тоа беше добро документирано. Познатиот лекар Гален од Пергам, кој живеел токму во градот каде е пронајдено шишето, во своите текстови споменува фекални лекови најмалку дваесетина пати. Во еден случај специфично пишува за лековитите својства на измет од дете хрането со леблебија, леб и вино.
Проблемот беше што никој немаше физички доказ дека тие рецепти навистина биле применувани, а не само теоретизирани. Сега го има.
Мирисот бил проблем тогаш, исто како и денес
Истражувачите нагласуваат дека мајчината душица не е случаен додаток. Античките лекари добро знаеле дека пациентите ќе ги одбијат смрдливите лекови, па затоа препорачувале маскирање со ароматични билки, вино или оцет. Мирисот бил проблем тогаш исто колку и денес.
Фекалната трансплантација не е нов изум
Истражувачите го поврзуваат наодот со современата медицина. Фекалната трансплантација денес е признаена терапија за одредени цревни инфекции и американската FDA одобрила два вакви производи. Римјаните, се разбира, немале поим за цревна флора. Но изгледа дека инстинктот бил точен.
Студијата е објавена во Journal of Archaeological Science: Reports.