Рим воведе наплата за пристап до Фонтаната ди Треви

Рим воведе влезница од две евра за пристап до Фонтаната ди Треви поради огромните гужви. Кој плаќа, кој има бесплатен влез и кога фонтаната е достапна за сите?

Една од најпознатите туристички атракции во светот – Фонтаната ди Треви – од денес воведе влезница од две евра за туристите и нерезидентите кои сакаат да се приближат до самиот раб на фонтаната. Симболичното фрлање паричка во водата повеќе не е доволно за целосно искуство со овој римски бисер.

Одлуката на градските власти во Рим има за цел да се намалат огромните гужви и да се заштити културното наследство, но веќе предизвика жестока јавна дебата.

До 70.000 посетители дневно

Со повеќе од 10 милиони посетители годишно, односно во просек 30.000 луѓе дневно, а во шпицот и до 70.000, Фонтаната ди Треви е најпосетениот споменик во Рим по Колосеумот. Токму овие бројки го натераа Градот Рим да воведе контролиран и платен пристап до најтесниот дел околу фонтаната.

Како функционира новиот систем?

Влезот во контролираниот простор е организиран од улицата Виа дела Стамперија, а билетите можат да се купат на лице место или преку официјалната веб-страница посветена на фонтаната.

Градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтијери, објасни дека системот ќе овозможи ред, безбедност и подобро туристичко искуство.

„Ќе има уредна колона, влез од една и излез од друга страна. Луѓето ќе можат да останат колку што сакаат, без турканици и хаос. Нашата цел е посетителите навистина да уживаат во фонтаната“, изјави Гвалтијери.

Кој не плаќа влез?

Пристапот до фонтаната останува бесплатен за жителите на Рим, лица со попреченост и нивните придружници, деца помлади од 6 години и лиценцирани туристички водичи

Исто така, пред 9 часот наутро и по 22 часот навечер, фонтаната ќе биде достапна за сите без наплата.

Заштита или комерцијализација?

Воведувањето на влезницата отвори дебата во јавноста. Поддржувачите сметаат дека мерката е неопходна за заштита на споменикот и поквалитетна посета, додека критичарите стравуваат дека симболот на Рим полека се претвора во платена туристичка атракција, губејќи ја својата спонтаност.

Градските власти уверуваат дека не станува збор за приватизација, бидејќи нема трајни бариери, туку за решение што обезбедува одржливост, ред и безбедност.

Мал ритуал со ново правило

Според легендата, ако во Фонтаната ди Треви фрлите паричка со десната рака преку левото рамо – ќе се вратите во Рим. А кога ќе се вратите, не заборавајте уште две евра, ако сакате повторно да ѝ се доближите на магијата на ова ремек-дело.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни