Во Белград денеска продолжува повторената постапка против родителите на малолетникот кој во мај 2023 година го изврши масовното убиство во училиштето „Владислав Рибникар“. Постапката е затворена за јавноста, а малолетникот повторно ќе даде исказ пред судот.
Според објавените информации, малолетникот најпрво ќе биде сослушан од судијата, а потоа прашања ќе можат да му поставуваат обвинителите, адвокатите на одбраната, како и адвокатите на семејствата на жртвите. Тој веќе сведочеше и во октомври 2024 година, кога првпат се одржа процесот.
Во постапката, покрај тоа што е сторител на делото, малолетникот има и статус на жртва откако обвинението било проширено со кривично дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице. Првостепено, таткото бил осуден на 14 и пол години затвор, а мајката на три години затвор.
Во образложението на пресудата, судот навел дека таткото во повеќе наврати го обучувал синот да ракува со воздушно и огнено оружје и дека оружјето било чувано несоодветно, во куфери што му биле лесно достапни. Малолетникот не може кривично да одговара затоа што во моментот на злосторството немал наполнети 14 години.
Целата постапка е затворена за јавноста со цел да се заштитат интересите на малолетниците.