„За 12 години во ракомет не сум видел натпревар со повеќе пенали, повеќе украдени топки, повеќе искалкулирани фаули. Во превод… дробење. Досега ретко сме се жалеле, може двапати до сега, ама ова беше под секое спортско достоинство. РФМ ќе поднесе жалба, но без оглед на резултатот, Македонија победи“, напиша генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски на социјалните мрежи.
Холандија победи со 37:32 на натпреварот кој беше одбележан од серија прекини, пенали и исклучувања, при што Македонија доби два црвени картони, а ракометарите на Холандија шутираа 12 седмерци.
Селекторот Кирил Лазров одби да го коментира судењето, повикувајќи се на незадоволството на навивачите.
„Сакам да им честитам на Холанѓаните. Не сум паметен во моментов да кажам нешто. Мора да ги разгледаме грешките на овој натпревар. Можеби не бевме доволно добри за да победиме. Сепак, има многу работи да се кажат. Нашите навивачи не беа задоволни, само тоа ќе го кажам. Можеби Холандија е подобра од нас, ама се боревме многу и верувавме дека можевме до позитивен резултат.“, изјави Лазаров.