Во филмот глуми британскиот актер Роберт Патинсон, а приказната на „Mickey 17“ е за млад волонтер во футуристичка програма за клонирање која му овозможува да умре одново и одново.
Мики е изложен на радијација, вдишува токсични гасови и е подложен на експериментални вакцини, за да се прероди со помош на човечки 3D печатач.
„Мики е ранлив и донекаде патетичен млад човек, но и покрај многуте предизвици со кои се соочува, на крајот преживува и не е скршен“, рече Бонг, кој доби Оскар за најдобар филм за „Паразит“ во 2019 година.
„Тоа е приказната што сакав да ја раскажам“, рече тој на прес-конференција во Сеул.
Негативецот во овој филм, кој го Марк Руфало, е нарцисоиден милијардер кој наликува и на американскиот претседател Доналд Трамп и на неговиот близок соработник Илон Маск, најбогатиот човек на светот, пренесува АФП.
Сместен во блиска иднина, ликот на Руфало, расист и неуспешен политичар, тргнува на патување во вселената за да колонизира студена планета. Соочен со финансиски тешкотии, Мики се пријавил како „потрошен човек“ и му била дадена најопасната работа на вселенски брод.
Ова е прва улога како негативец на Руфало, а Бонг рече дека е изненаден што ѕвездата претходно не добила такви улоги. „Низ историјата, диктаторите не само што беа застрашувачки личности, туку поседуваа и чуден шарм… кој ги плени масите“, рече тој. „Бев уверен дека Руфало добро ќе го прикаже овој лик“.
Филмот е снимен во 2022 година, пред враќањето на Трамп во Белата куќа.
Со враќањето на Трамп и хаосот што доаѓа со него, Руфало рече дека филмот има квалитет на „пророштво“. „Три години подоцна, овој филм сега е поактуелен отколку кога го снимавме“, рече тој.
Со „Паразит“, Бонг влезе во историјата станувајќи првиот режисер кој добил Оскар за најдобар странски филм. Додека тој филм се занимаваше со големи теми како нееднаквоста и сиромаштијата, Бонг рече дека ја препушта „анализата на капитализмот“ на општествените научници.
„Целта на филмот е да ги сподели емоциите на луѓето вклучени во таа анализа“, рече тој.
„Mickey 17“ доаѓа во време кога родната земја на Бонг е зафатена од политичка криза, откако претседателот Јун Сук Јеол прогласи вонредна состојба во декември.
Бонг во четвртокот рече дека верува дека силата на обичните луѓе помогнала да се надмине хаосот. „Музиката, филмовите и секојдневниот живот продолжуваат без прекин“, рече тој. „Верувам дека ова е момент на гордост за нашите граѓани, кои веќе ја надминаа вонредната состојба.“