Резервации за хотел на Месечината веќе се отворени: Депозит до еден милион долари

Стартапот GRU Space отвори резервации за првиот хотел на Месечината. Првите гости се очекуваат во 2030-тите, а депозитот достигнува до еден милион долари.

Стартап-компанијата GRU Space започна да прима онлајн резервации за престој во првиот хотел на Месечината, а висината на депозитот се движи од 250.000 до еден милион долари. Доколку сè оди според планот, првите гости би можеле да пристигнат во текот на 2030-тите години, објави Ars Technica, а пренесува Futurism.

Кој стои зад амбициозната идеја?

Зад компанијата GRU Space, што е кратенка од Galactic Resource Utilization (Искористување на галактички ресурси), стојат само двајца вработени, меѓу кои и основачот Скајлер Чан, кој минатата година дипломирал на Универзитетот во Калифорнија – Беркли. Иако проектот делува исклучително амбициозно, компанијата успеала да обезбеди почетно финансирање од реномираниот стартап-акцелератор Y Combinator.

„Сфатив дека сум роден во време кога навистина можеме да станеме меѓупланетарна цивилизација, и тоа е веројатно највлијателната работа што една личност може да ја направи“, изјави Чан за Ars Technica.

Повеќе од луксузен престој

Според документацијата објавена на веб-страницата на GRU Space, визијата не застанува само на хотелски туризам. Планот е најпрво да се изгради хотел, а потоа и месечева база со клучна инфраструктура за долгорочен човечки престој.

Долгорочно, компанијата би функционирала како вселенски еквивалент на Hudson Bay Company, трговска компанија од 17 век која имала кралски овластувања за управување со трговијата, законите и имотот на огромни територии во Канада.

Фази на изградба на Месечината

Според планот на Чан, во 2029 година на површината на Месечината треба да биде испратена надувлива структура со помош на вселенски лендер. Таа мисија ќе служи за тестирање на условите за живеење, но и за производство на градежни цигли од месечев реголит.

Во 2031 година е планирано испраќање поголема капсула за човечки престој – самиот хотел – кој би бил сместен во месечева јама, со цел заштита од космичко зрачење и други опасности. До 2032 година, GRU Space планира да има функционален мал хотел што ќе може да прими четири гости.

Дестинација што вреди да се посети

Интересно е што визуелизациите на хотелот покажуваат објект кој наликува на Палатата на убавите уметности во Сан Франциско. Чан го објасни овој дизајнерски избор со следниве зборови:

„SpaceX го гради ‘FedEx’ што ќе нè однесе таму, нели? Но мора да постои и дестинација што вреди да се посети.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни