Истражувачкиот тим од Институтот за наука и технологија DGIST во Јужна Кореја ја разви првата функционална „бетаволтаична“ батерија од новата генерација. Нејзиното напојување се базира на радиоактивен изотоп од јаглерод-14 и напреден слој од перовскит – материјал познат по својата извонредна ефикасност во конверзија на енергија.
За дополнително подобрување на перформансите, научниците инкорпорирале квантни точки базирани на јаглерод-14 во електродата и ја стабилизирале кристалната структура на перовскитот со адитиви MACl и CsCl. Овие измени резултирале со 56.000 пати поголема електронска подвижност во споредба со досегашните решенија, се наведува во студијата објавена во списанието Chemical Communications.
Бетаволтаичните ќелии, кои работат преку бета-честички што се ослободуваат при радиоактивно распаѓање, долго време беа ограничени поради безбедносни и технолошки предизвици. Новата хибридна батерија успешно ги надминува тие бариери, овозможувајќи стабилна и долготрајна енергија, дури и во сурови услови.
Тестовите покажале стабилно производство на енергија во текот на девет часовна непрекината работа. Професорот Су-Ил Ин, кој го води проектот, ја нарече оваа батерија „првата вистинска демонстрација на практична примена на бетаволтаична технологија“, со најави дека следниот чекор ќе биде нејзина комерцијализација и минијатуризација.
Ова откритие би можело да означи почеток на нова ера во долготрајното и самостојно напојување на уредите – каде полнењето станува минато.