Иран и САД добиле план за прекин на непријателствата што би можел да стапи во сила уште денес, а со тоа веднаш би се отворил и Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта. Според Reuters, предлогот бил составен од Пакистан и доставен до двете страни во текот на ноќта.
Планот предвидува двостепен пристап. Првиот чекор е моментален прекин на огнот, а вториот финализирање поширок договор во рок од 15 до 20 дена. Изворот на Reuters вели дека сите елементи на рамката треба да бидат усогласени во текот на денот, а почетниот договор би бил оформен како меморандум за разбирање, финализиран електронски преку Пакистан, кој засега е единствениот комуникациски канал во разговорите.
Според истиот извор, пакистанскиот армиски началник Асим Мунир цела ноќ бил во контакт со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, специјалниот пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи. Предлогот, неофицијално наречен „Исламабадска спогодба“, вклучува и регионална рамка за Ормускиот Теснец, додека финалните разговори би се одржале лично во Исламабад.
Reuters наведува дека во овој момент нема непосреден официјален одговор ниту од Вашингтон, ниту од Техеран. Дополнително, два пакистански извори велат дека Иран сè уште не се обврзал на предлогот, и покрај засилените цивилни и воени дипломатски контакти. Еден од изворите изјавил дека Техеран сè уште не одговорил на предлозите поддржани од Пакистан, Кина и САД за привремен прекин на огнот.
Ако дојде до поширок договор, тој би требало да вклучи иранска обврска да не развива нуклеарно оружје, во замена за олеснување на санкциите и ослободување на замрзнати средства. Предлогот доаѓа во момент кога војната дополнително ја зголеми неизвесноста околу пловидбата низ Ормускиот Теснец и создаде силен притисок врз глобалните енергетски пазари