Миле Корубин ѝ припаѓа на првата генерација ликовно образовани македонски уметници кои, по Втората светска војна, се школувале во центрите на југословенската држава (Белград, Загреб, Љубљана).
Во Чифте амам во Старата скопска чаршија во четврток (28 септември) во 20 часот ќе биде отворена ретроспективно-јубилејната изложба на Миле Корубин (1922-2000). Омажот на големиот сликар се организира во рамките на одбележувањето на 75 години постоење на Националната галерија. Пред присутните ќе се обратат директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, академскиот сликар Рубенс Корубин и Кирил Пенушлиски, историчар на уметност. Куратори на изложбата се Маја Неделкоска-Брзанова, виш кустос и Маја Чанкуловска- Михајловска, виш кустос.
Миле Корубин (1922 Прилеп – 2000 Скопје) е еминентен македонски сликар. Според организиаторите, јубилејните изложби на истакнатите македонски уметници често ја надминуваат рамката на формалното официјално одбележување бидејќи истовремено тие даваат и ретроспективен пресек, овозможувајќи потемелен увид во творештвото и развојниот пат на авторите.
– Секогаш настојуваме поставката да ја збогатиме и со дела кои ретко или воопшто не биле презентирани пред јавноста. Една од најважните компоненти е желбата да оствариме и едукативен импакт, со цел културната јавност да добие поширока перспектива за развојот на едно творештво, кое, од своја страна, во одреден историски период извршило влијание врз некои текови во македонската современа уметност – велат организаторите.
Миле Корубин ѝ припаѓа на првата генерација ликовно образовани македонски уметници кои, по Втората светска војна, се школувале во центрите на југословенската држава (Белград, Загреб, Љубљана). По отворањето на Уметничката школа во Скопје, тој станува еден од нејзините први ученици, каде што посетувал настава кај бардовите основоположници на македонската ликовна мисла: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Василије Поповиќ-Цицо и Томо Владимирски. Миле Корубин е воедно и првиот академски образован македонски сликар по Втората светска војна, дипломиран 1951 година на Ликовната академија во Белград, каде што ги следел педагошките поуки од професорот Мило Милуновиќ, а потоа особено од Петар Лубарда и подоцна на Миќа Поповиќ, како дел од сликарската елита на тогашна Југославија.
– Корубин претставува издвоен автор кој наспроти предизвикот на новите ликовни струења избира сопствена еволутивна патека и создава карактеристичен ракопис. Тоа го потврдува и тогашната ликовна критика, која уште на самиот почеток на неговиот творечки развој го препознава како сликар што оди „спротивно од струјата и удобниот наплив на модата“.
Значаен сегмент, воедно и присутен во сите фази на неговото творештво, е сензуалноста што зрачи од женските фигури и портрети и произлегува од интимното доживување на еротизмот како „раздвижувачка сила на човековиот дух“. Сместени повторно во лирски метафизички недефиниран простор, овие стилизирани и идеализирани женски претстави (портрети и актови) ја сугерираат вечната потрага по убавото испреплетувајќи го притоа реалното со имагинарното во третманот на фигурата и просторот – велат кураторите.
Според нив, во еволутивниот развој на Миле Корубин и претходно се забележувал интерес кон нематеријалното и асоцијативно претставување на нештата. Следејќи ја својата издвоена логика, во осмата деценија на 20 век, авторот се насочува кон постапно прочистување на формата, испреплетувајќи ги мотивите од националната традиција преку карактеристичните форми и контрастен колорит (од македонските килими, везот, понатаму и пафтите) како реминисценции од минатото, со тенденциите и елементите на геометриската апстракција (Маљевичевиот квадрат во квадрат, Мондријановата мрежа итн.). Суптилната синтеза на ликовните елементи (форма, боја, планови, структура, текстура, композиција…), еволуира во сликарски дела кои имаат асоцијативен призвук на колаж, витраж, асамблаж, мозаик.
– Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на „патувањето“ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното – велат кураторите.
Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 27 октомври.