Ретка риба-грабливка забележана во шпанското приморје

Тим истражувачи од шпанската невладина организација „Кондрик Тенерифе“ ја сними, како што тврдат – првата површинска видеоснимка од возрасна грбава јадичарка (Melanocetus johnsonii) – риба што плива близу дното на океанот. 

Морските биолози конкретно не го барале ова необично суштество, туку биле на истражувачка експедиција посветена на проучување на ајкулите, кога неочекувано ја забележале оваа морничава риба. Грбавата јадичарка, инаку, се одликува со голема глава, остри заби и една карактеристична биолуминисцентна „светилка“ на челото што ја користи како мамка за лов.

Соочувањето со ова суштество во блиска средба кај површината на океанот покренува нови прашања за неговото однесување и потенцијалните причини за напуштањето на своето вообичаено живеалиште.

Главните својства и одлики на грбавата јадичарка

Каква риба е тоа? Грбавата јадичарка е познат вид риба од семејството „црни морски ѓаволи“ (Melanocetidae), од групата јадичарки (Lophiiformes). Овие риби ги фасцинираат научниците поради застрашувачкиот изглед, прилагодувањата на животот на екстремни длабочини и уникатните репродуктивни навики.

Живеалиште: Оваа риба живее, обично, меѓу 200 и 2.000 метри длабочина, каде што има целосен мрак и висок притисок.

Изглед: Има исклучително голема глава, огромна уста исполнета со долги, остри заби и црно тело коешто ѝ помага да остане невидлива во темните води.

Биолуминисценција: Има светлечки орган на челото – тн. „илициум“, којшто дава светлина со помош на бактерии и служи како мамка за пленот.

Исхрана: Се работи за грабливец. Се храни со риби и помали организми, кои ги привлекува со својата биолуминисцентна природна светилка. Може да голтне плен поголем од сопственото тело благодарение на растегливиот стомак и вилици.

Репродукција: Мажјаците се значително помали од женките и немаат свој дигестивен систем. Кога ќе пронајдат женка, тие се врзуваат за неа и постепено физички се спојуваат со неа, земајќи хранливи материи од нејзиното тело, додека додека не им останат само половите органи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни