„Ре:старт“ во Лабораториум: осум млади бендови го носат новиот бран на македонската сцена

Дводневниот фестивал „Ре:старт“ на 6 и 7 февруари ќе ги претстави најистакнатите млади алтернативни бендови од минатата година, со фокус на свеж звук и нова генерација автори

Брод полн со свеж звук и нова енергија пристигнува во Лабораториум на 6 и 7 февруари, кога фестивалот „Ре:старт“ ќе ги собере осумте млади македонски бендови кои најмногу се истакнаа во изминатата година. Настанот има за цел да го прикаже новиот бран на домашната алтернативна сцена и да отвори простор за авторски израз надвор од комерцијалните формули. Картите се достапни во Лабораториум и во Ре:старт дуќанот во ГТЦ.

Фестивал од сцена, за сцена

„Ре:старт“ е самостоен фестивал, организиран од Лука Петковиќ, Симон Стојчевски, Ива Ромевска и Ѓорѓи Јакимовски. Како дел од колективот „Гола Планина“, организаторите добиваат поддршка и од поискусни луѓе од сцената, со јасна амбиција – да се прикаже новиот звук на младите македонски бендови и насоката во која се движи алтернативната музичка сцена.

Осум бендови, осум различни светови

На фестивалот ќе настапат Персеида, LSD During War, Mallard, Член 16, Калико, Животни, Големата Вода и Корка.

Персеида носи густ shoegaze звук што се движи меѓу сонот и стварноста, со меланхолични гитарски слоеви и стремеж болката да се претвори во убавина.

LSD During War, млад петчлен бенд од Скопје, гради тежок sludge/nu metal звук и во моментов го подготвува својот прв албум.

Mallard комбинира emo и post-hardcore, фокусирајќи се на теми поврзани со младоста и созревањето, додека „Член 16“ нуди мрачен, интроспективен израз што се движи меѓу траума, сомнеж и потрага по вистина.

Калико внесува енергија и хумор, мешајќи старски блуз-рок со модерен звук, додека „Животни“ отворено проговоруваат против неправдите, апартхејдот и токсичните политики, со јасен политички и егзистенцијален став.

Големата Вода се фокусира на носталгијата и хаосот на Скопје, преточени во гласни текстови и хипнотички рифови, а Корка од Кочани носи суров нојз-рок израз со силна DIY естетика и социјален коментар.

Фестивалот „Ре:старт“ доаѓа во момент кога македонската алтернативна сцена повторно покажува знаци на живост и поврзување. Наместо големи продукции и готови формули, акцентот е ставен на авторскиот израз, заедницата и потребата новите гласови да добијат простор да се слушнат. „Ре:старт“ не е само фестивал, туку момент на собирање и препознавање, доказ дека новиот македонски звук веќе постои само бара простор да се слушне.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни