Решен 20-годишниот мистериозен случај на „Жената во розово“ во Барселона

По повеќе од две децении, конечно е откриен идентитетот на жената чие тело беше пронајдено во Шпанија во 2005 година. Станува збор за 31-годишната руска државјанка Људмила Завада, потврди Интерпол.

Таа е третата идентификувана жртва преку иницијативата „Операција Идентификувај ме“, кампања што започна во 2023 година со цел да се решат случаи на жени убиени или починати под сомнителни околности низ Европа.

„Оваа идентификација носи нова надеж за семејствата на исчезнатите и нови траги за истражителите. По 20 години, непознатата жена конечно го доби своето име,“ изјави Валдеси Уркиза, генерален секретар на Интерпол.

Жената во розово

Телото на Завада било пронајдено во јули 2005 година покрај пат во покраината Барселона. Била облечена во розова маица со цветен дезен, розови панталони и розови чевли – поради што полицијата ѝ го дала прекарот „Жената во розово“.

Причината за смртта останала „сомнителна“, а доказите укажувале дека телото било преместено најмногу 12 часа пред да биде откриено.

Минатата година случајот влезе во рамките на „Операција Идентификувај ме“, кога за првпат беа објавени „црните известувања“ на Интерпол за неидентификувани тела.

Трага од Турција

Оваа година, турската полиција преку националната база на податоци за отпечатоци од прсти успеала да ја идентификува Завада. Подоцна, со ДНК анализа и споредба со нејзин роднина во Русија, идентитетот бил потврден. Истрагата за околностите на нејзината смрт продолжува.

Кампањата продолжува

Првата идентификувана жена преку оваа иницијатива беше Британкaта Рита Робертс (31), убиена во Белгија во 1992 година, а потоа и Парагвајката Аиноха Изга Ибиета Лима (33), чието тело беше најдено во Шпанија.

Сè уште останува да се утврди идентитетот на уште 44 жени пронајдени мртви во Холандија, Германија, Белгија, Франција, Италија и Шпанија. Повеќето се жртви на убиства, а според Интерпол, значаен дел од нив се поврзани со родово засновано насилство и трговија со луѓе.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни