Поразговаравме со Калина Дуковска од Лабараториум, дел од организацискиот тим, и Катерина Липовка од Украина, учесничка на форумот, кои го споделија своето гледиште за тоа како културата и медиумите може да ја обликуваат иднината на независната сцена во време на глобални политички и економски кризи.
Трн: Која е конкретната улога што независната културна и медиумска сцена може да ја одигра во време на политичка нестабилност и недоверба – и како Reset! планира да го поттикне тоа дејствување низ регионална соработка?
Калина: Reset! е млада мрежа која се формира токму поради потребата независната културна и медиумска сцена да имаат посилна преговарачка моќ кога станува збор за прашања и проблеми со кои се соочуваат. Во секој поглед независната сцена поттикнува на иновативност, креативност и шаренило надвор од класичните уметнички шаблони и тоа ја прави суштинска за разноликоста и широкиот поглед кон се – вклучувајќи и општествено уредување. Она што е целта на Reset! во новата фаза на развивањето на мрежата е да го засили вмрежувањето и отпорноста на независната сцена, особено во региони кои имаат помала поддршка или можности за оваа културна сфера и да помогне во разменување на искуства за културно-општествениот дискурс и како во него може да учествуваат независните. Воедно, овогодинешната тема е “Поврат на простори” со цел да даде фокус на еден голем проблем кај независната сцена – немањето простори и губењето на постоечките. Од таа причина и сметаа дека е соодветно да се случи токму кај нас во Лабораториум, центар кој го оживеа празниот простор на поранешната печатница и го транформираше како место за сите.

Трн: Како овој форум ќе придонесе за долгорочна поддршка и зајакнување на независните културни и медиумски актери во Македонија, особено по последните случувања на локалната сцена?
Калина: Форумот нуди уникатна можност на локаната сцена да се запознае и поврзе со преставници од цела Европа кои дејствуваат во рамките на сосем различни политички и финанскиски структури. Освен панелите на кои гостуваат членови од Reset! мрежата и домашни говорници кои ќе ја прествават македонската перспектива, дополнително има и работилници за зајакнување на капацитетите на локалната сцена, кои варираат од проектно аплицирање и можности за финансирање до друштвени радија. Меѓудругото ова е прво одржување на Reset! настан надвор од границите на ЕУ со цел да се поттикне соработка и зајакнување токму во овие предели. Локалната сцена има прилика да стекне вредни конекции кои може да служат долготрајно за помош и развивање на проблемите со кои ние се уште се справуваме, но можеби некои членови веќе успешно ги надминале.

Трн: Кои се очекуваните резултати од форумот – не само како момент на солидарност, туку како конкретни чекори за отпор кон реакционерните движења што се шират низ Европа?
Калина: Очекувано е форумот значиелно да придонесе кон дискурсот кој веќе се води во ЕУ за Културниот Компас, што е новиот обид на дел од ЕУ претставниците да го променат начинот на кој зборуваме за, дејствуваме во и финансираме култура. Нашата надеж е дека размената на идеите и заклучоците од панелистите ќе ги размрда начините на размислување и ќе отвори нови теми на дискусија кај нас во поглед на независната сцена.

Катерина Липовка, панелистка на програмата Reset!, говореше за важноста на културниот идентитет и соработката меѓу различни сектори во услови на политичка и економска неизвесност.
Во рамки на Reset програмата, која се одржа во Скопје, Катерина Липовка од Украина учествуваше на панел дискусија каде се дискутираше за улогата на независната култура и медиуми во време на глобални политички кризи. Липовка ја сподели својата перспектива за актуелната ситуација и потребата од нови стратегии за културна и економска одржливост:
„Мислам дека треба да разбереме нашиот идентитет и да се обидеме да му го покажеме на светот. Соработката помеѓу различни сектори е клучна за наоѓање нови одржливи модели за ресурси во услови на ограничени опции.“
Според Липовка, глобализацијата и порастот на политичките и економските притисоци го ставаат идентитетот на малите нации, како што е Македонија, во клучен фокус:
„Глобализацијата и нашиот идентитет се премногу измешани, но тоа што ја дефинира Македонија е вашата уникатност. Важно е да не го изгубите ова.“
Липовка исто така нагласи дека културната индустрија не треба да остане изолирана, туку да се отвори за соработка со други сектори. Таа верува дека културата треба да биде дел од мултидисциплинарни тимови, бидејќи тоа ќе помогне во создавањето на нови решенија:
„Културата треба да излезе од својот балон и да се обиде да работи низ различни настани и работилници. Колку повеќе ќе излегуваме од културниот меур, толку повеќе внимание ќе привлечеме.“
Неопходно е, како што посочува Липовка, да се даде повеќе информација на јавноста и да се започнат соработки со други професионалци:
„Најпрво треба да покажете и да им дадете повеќе информации на луѓето, а преку тоа да започнете со соработки кои ќе придонесат за градење на доверба и развој на културната индустрија.“