Републиканците на Трамп гласаа за укинување на царините кон Канада

Претставничкиот дом на САД тесно изгласа резолуција за укинување на царините што Доналд Трамп ги воведе кон Канада. Шестмина републиканци гласаа со демократите, а Трамп предупреди на „последици“

Американскиот Претставнички дом тесно ја поддржа резолуцијата за укинување на царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе кон Канада, во редок пример на отворен отпор во редовите на неговата партија.

Со 219 гласа „за“ и 211 „против“, пратениците изгласаа мерка за ставање крај на трговските ограничувања за канадската стока. На демократите им се придружија шестмина републиканци, иако Републиканската партија има тесно мнозинство од 218 наспроти 214 места во долниот дом.

Неизвесна судбина во Сенатот

Резолуцијата има реални шанси да помине и во Сенатот, кој веќе двапати гласаше за блокирање на воведувањето царини кон Канада, и покрај тоа што таму републиканците имаат повеќе мандати.

Сепак, малку е веројатно мерката да стане закон. За да се надгласа очекуваното вето од Трамп, потребно е двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот нешто што засега изгледа недостижно, бидејќи мнозинството републиканци не се подготвени отворено да му се спротивстават.

Растат тензии во Републиканската партија

Гласањето се смета за нов сигнал за зголемени внатрепартиски тензии околу економската политика на Трамп и неговиот однос кон клучните сојузници. Откако се врати во Белата куќа, Трамп воведе низа царини кон северниот сосед, а неодамна се закани и со 100-процентни давачки поради предложениот трговски договор меѓу Отава и Пекинг.

Во текот на гласањето, Трамп на својата социјална мрежа порача дека „секој републиканец кој ќе гласа против царините сериозно ќе ги сноси последиците кога ќе дојдат изборите“.

„ЦАРИНИТЕ ни донесоа економска и национална безбедност и ниту еден републиканец не смее да биде одговорен за уништување на таа привилегија“, напиша Трамп.

Гласањето дополнително ја отвора дебатата за иднината на американската трговска политика и односите со Канада, еден од најголемите трговски партнери на САД.

Извор: Hina

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни