Република Српска воведува целосна забрана за пушење во кафулињата

Новиот закон предвидува строги казни и целосно исфрлање на цигарите од затворените јавни простори, додека јавноста е поделена меѓу здравјето и „кафанскиот мерак“.

Република Српска доби нов Закон за заштита на здравјето од тутунски и сродни производи, со кој се воведува апсолутна забрана за пушење во сите затворени јавни простори, вклучително и угостителските објекти. Законот ќе стапи на сила на 1 август 2026 година, додека целосната примена е планирана за јануари 2027, со предвиден период за прилагодување на локалите.

Со законот се забранува не само пушењето класични цигари, туку и употребата на електронски цигари, загреани тутунски производи и никотински кесички. Сопствениците на објекти ќе мора да ги отстранат пепелниците, да постават јасни ознаки за забрана и да обезбедат целосно почитување на прописите.

Казните за непочитување се високи – до 2.000 конвертибилни марки за физички лица и до 6.000 марки за сопствениците на објекти кои нема да ги спроведат мерките.

Министерот за здравство на Република Српска, Ален Шераниќ, изјави дека законот има силна поддршка од јавноста. „Поддршката е над 70 проценти, и од пушачи и од непушачи. Целта е заштита од пасивно пушење и превенција на зависности кај младите“, рече тој во изјава за Deutsche Welle.

Од здруженијата за јавно здравје законот го поздравуваат како значаен чекор кон намалување на респираторните заболувања и ризикот од рак на белите дробови кај непушачите. Сепак, дел од угостителите и пратениците предупредуваат дека мерката може негативно да се одрази врз малите локали и традиционалната кафанска култура.

„Кафаната не е библиотека“, беше една од пораките од противниците на законот, кои сметаат дека целосната забрана е претерана и дека требало да се остави можност за поделба на просторот или воведување посебни такси.

И покрај поделениот јавен став, со овој закон Република Српска се приклучува на Федерација Босна и Херцеговина, која слична мерка воведе една година претходно, но со поблаги услови за угостителите.

Властите порачуваат дека нема да има отстапки кога станува збор за јавното здравје и дека строгите правила се неопходни за долгорочна заштита на населението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни