Туристичката сезона во Црна Гора е во полн ек, познатите летувалишта на Јадранот се преполни со туристи од околните, но и од други европски држави. Но ако годинава летувате во Црна Гора и ако по некоја случајност ви здодеат плажите и морето и сакате да искусите ново доживување, тогаш дефинитивно треба да ја посетите жичарата Котор – Ловќен, пишува „24 инфо“.
Појдовната точка е во населбата Кавач на неколку километри пред градот Котор (ако доаѓате од јужната страна на пример од Будва, Петровац или Чањ имајте предвид дека на последниот дел од патот има градежни активности и се вози поспоро од вообичаеното) каде има голем паркинг со симболична цена од едно евро за час.
Почетната станица е голема и пространа, каде покрај билетарниците има и придружни објекти, кафетерии, тобако, тоалети, сувенирници и слично.
Освен на билетарница, билет може да купите и онлајн а цената за повратен билет за возрасен чини 23 евра, за деца од две до 12 години повратен билет изнесува 12 евра.
Возењето со жичарницата во еден правец трае нешто повеќе од 10 минути но од кабината се пружа спектакуларен поглед на бококоторскиот залив, на градот Котор и на аеродромот во Тиват.
Сите кабини се климатизирани, опремени со звучници и под видео надзор. Максималниот капацитет е десет лица.
На врвот, покрај станицата за жичарата, има и голем модерен ресторан каде можете да се освежите со пијалок или евентуално некоја закуска, но треба да имате предвид дека таму цените се нешто повисоки отколкуво градовите и плажите.
Па така, за едно кафе ќе треба да одвоите најмалку три евра а толку ќе се чини и мало шише обична вода, а оние кои би сакале да се освежат со некаков коктел, тоа задоволство ќе ги чини најмалку 14 евра.
Сепак оние кои не сакаат да седат во ресторан, на располагање ги имаат околните ледини каде можат да си направат мини пикник, на над 1.300 метри надморска висина.
Доколку пак сакате уште повеќе адреналин, тогаш можете да се повозите на боб стазата а цената на еден билет изнесува осум евра.
Жичара од 1916 година
Интересен факт е што жичара во овој дел од Црна Гора постоела уште во 1916 година, која била изградена од Австроунгарската војска но тогаш за воени, а не за туристички потреби.
За време на Првата светска војна Австроунгарците по окупацијата на Црна Гора изградиле жичара од Котор до Цетиње за побрзо пренесување на храна, оружје и муниција, а по завршување на војната, таа престаналада постои.
Денес, жичарата Котор – Ловќен која во целост од изградена од државата и пуштена во употреба минатата година е долга 3,9 километри, истата е опслужена со 48 гондоли кои имаат максимална брзина од 6 метри во секунда.
Се на се, возењето со оваа жичара претставува посебно доживување.
Извор: 24 инфо