Рената Десковска: „Полесно е да го смените законот отколку да го спроведете“

Професорката по уставно право предупредува дека предлог-Законот за високо образование носи нереални услови, централизација и ризик од злоупотреби

Реакциите за новиот предлог-закон за високо образование не стивнуваат. Во јавната дебата активно се вклучи и Рената Десковска, професор на Институтот за правно-политички науки при Катедрата за уставно право и политички систем, која во објава со наслов „#ЗВО – #Шангајска или #Шиндлерова листа?!“ остро го критикува текстот што деновиве е предмет на расправа.

Десковска реагира на тврдењата дека Законот за високо образование од 2018 година е виновен што ниту еден македонски универзитет не е меѓу првите 1000 на Шангајската листа, бидејќи не пропишал објавување во списанија индексирани во Web of Science како нужен услов за избор во звање. Таа потсетува дека ниту во времето на законот од 2018 година, ниту во времето на претходниот закон кој го предвидувал тој услов, ниту еден универзитет од земјава не бил рангиран на таа листа.

Според неа, разликата меѓу законите е во пристапот. Законот од 2018 година, како што наведува, предвидува стимули и награди за објавување во престижни списанија, вклучително и финансиска компензација за трошоците и парични награди, додека новите решенија се засноваат на принцип на принуда, преку поставување на објавувањето како неопходен услов за напредување.

Десковска оценува дека дел од предложените услови за избор во звање се тешко остварливи, а во некои области и практично невозможни. Посебно го издвојува условот за одредена висина на h-индекс, нагласувајќи дека станува збор за критериум што не зависи од кандидатот, туку од тоа колку неговите трудови ќе бидат цитирани од други.

„Полесно е да го смените законот, отколку да го спроведете“, наведува Десковска, алудирајќи дека наместо доследна примена на постојните правила, се пристапува кон зголемување на условите, со селективна примена во пракса.

Во својата анализа таа предупредува и на можни ризици од непотизам, трансфери на кадар меѓу универзитети без реална конкуренција, како и продолжување на мандатите на ректорите и деканите, со можност за повеќекратно избирање. Според неа, продолжувањето на мандатите е во спротивност со декларираната цел за подобрување на квалитетот на науката, бидејќи управувачките функции значително го ограничуваат времето за научна работа.

Дополнително, Десковска изразува загриженост за централизацијата на универзитетите и можниот упад во автономијата, посочувајќи одредби што го зајакнуваат влијанието на управувачките структури на сметка на наставно-научните совети. Таа го проблематизира и фактот што, како што наведува, не е јавно објавен составот на тимот што го изработил новиот закон.

Професорката потсетува дека процесот на донесување на Законот од 2018 година бил долготраен и инклузивен, со јавни расправи и учество на универзитетски претставници, студентски и професорски пленуми, синдикати и експерти. И покрај тоа што одредени одредби не се применувале доследно, таа смета дека одговорноста за тоа лежи во надзорот и спроведувањето, а не во самиот текст на законот.

Дебатата за новиот предлог-закон продолжува, а академската јавност останува поделена околу прашањето дали предложените измени навистина ќе го подигнат квалитетот на високото образование или ќе отворат простор за нови институционални и политички влијанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни