Рекордни температури во Кина, измерени над 40 степени целзиусови

Меѓу најпогодените градови од топлотниот бран е Џенгџу, метропола со 13 милиони жители и главен град на централната провинција Хенан, каде денеска се измерени 41 степен Целзиусови, јави државната телевизија CCTV.

Рекордни температури повисоки од 40 степени Целзиусови беа забележани оваа недела во Кина, јавија државните медиуми. Кина последниве неколку години се соочува со екстремни метеоролошки услови – од горештини и суши, до силни дождови и поплави.

Како најголем емитер на стакленички гасови во светот, Кина истовремено е и водечки производител на обновлива енергија и има цел да постигне јаглеродна неутралност до 2060 година.

Меѓу најпогодените градови од топлотниот бран е Џенгџу, метропола со 13 милиони жители и главен град на централната провинција Хенан, каде денеска се измерени 41 степен Целзиусови, јави државната телевизија CCTV.

Во местото Линџоу, северно од Џенгџу, температурата се искачи до 43,2°C, додека во градот Шахе, во северната провинција Хебеи, беа забележани 42,9°C, соопшти Националната метеоролошка служба.

Се очекува екстремните температури да опаднат до петок, на некои места дури и за 15 степени.

Кина значително ги зголеми капацитетите за енергија од ветер и сонце последниве години, со цел да ја намали зависноста од јагленот, кој е многу загадувачки енергетски извор.

Сепак, експертите предупредуваат дека земјата заостанува со еден од своите клучни климатски цели – намалување на интензитетот на јаглерод (емисии во однос на БДП) за 65% до 2030 година во споредба со 2005.

Зголемувањето на обновливата енергија резултираше со намалување на емисиите на CO₂ за 1,6% во првиот квартал од 2025, според Лаури Милвирта од Центарот за енергетски истражувања и чист воздух (CREA).

Минатиот месец, Кина објави дека за првпат капацитетот за енергија од ветер и сонце го надминал производството на термоелектрани на јаглен.

Но, и покрај растот на обновливите извори, Кина во 2024 година започна изградба на термоелектрани на јаглен со капацитет од 94,5 GW, што претставува 93% од светскиот раст на термоелектрани минатата година, според извештајот на CREA и Global Energy Monitor (GEM).

Производството на јаглен во Кина постојано расте, достигнувајќи од 3,9 милијарди тони во 2020 до 4,8 милијарди тони во 2024 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни