Енергетските власти соопштија дека драстично зголемената потрошувачка создава сериозен притисок врз електро-дистрибутивната мрежа. Минатата недела, потрошувачката по првпат надминала 1,5 милијарди киловат-часови, што е трет рекорд само во текот на јули, месец во кој беше прогласена и првата национална тревога за здравствени ризици поврзани со горештините.
„Високите температури ќе влијаат врз производството и дистрибуцијата на електрична енергија“, изјави портпаролот на метеоролошката служба Ченг Хуеј, додавајќи дека топлото време ќе ја намали ефикасноста на хидроелектричната и соларната енергија.
Властите планираат навремено да ги информираат енергетските компании за можни мерки, вклучувајќи и намалување на потрошувачката во пиковите и прераспределба на енергија меѓу регионите.
Од средината на март, бројот на денови со температури над 35 степени Целзиусови е најголем откако се водат евиденции, истакна заменик-директорот на Националниот климатолошки центар, Џиа Сјаолун. Во последните две недели, 152 национални метеоролошки станици измериле температури над 40 степени, од кои во една станица во Синџијанг се измерени дури 48,7 степени. Џиа предупреди дека август може да биде подеднакво или дури и поекстремен од претходните години.
Жителите, особено повозрасните, се повикани да останат во затворен простор, а работниците на отворено да ги ограничат активностите во, како што беше опишано, „сауна-услови“.
Рекордни температури се измерени и во северниот јапонски остров Хокаидо. Осум града и еден округ пријавиле највисоки температури од 1977 година, кога почнало официјалното мерење.
Во општината Бихоро, температурата достигна 38,2 степени. – Ги предупредуваме граѓаните за ризикот од топлотен удар преку нашите веб-страници и социјални мрежи – изјави Рјо Накачи, претставник од блискиот град Китами. Локалните власти отворија „центар за ладење“ за жителите, од кои многумина немаат клима уреди дома.
Според јапонската метеоролошка служба, топлината е резултат на комбинација од ведро небо, топли воздушни струења од Кина и суви ветрови. Минатиот месец, Јапонија го забележа најтоплиот јуни во историјата, што се поврзува со климатските промени.
Министерството за животна средина на Јапонија денеска предупреди на висок ризик од топлотен удар за поголемиот дел од земјата, вклучително и за половина од Хокаидо. Највисоката досега измерена температура на островот останува 39,5 степени, регистрирана во мај 2019 година.