Рекордна топлина на океаните забележана деветта година по ред

Научниците предупредуваат дека океаните апсорбираат над 90 проценти од вишокот топлина предизвикана од климатските промени, што ги прави клучен показател за глобалното затоплување.

Топлината на светските океани, измерена на длабочина до 2.000 метри, во 2025 година достигнала највисоко ниво откако започнале мерењата, и тоа деветта година по ред, покажува анализата на меѓународна група научници.

Според истражувањето, објавено во научното списание Advances in Atmospheric Sciences, вкупната топлинска енергија во океаните во 2025 година се зголемила за 23 билиони мегаџули во споредба со претходната година. Анализата е предводена од тим на научници од Кинеската академија на науки во Пекинг и се базира на податоци кои се собираат уште од 1958 година.

Кога станува збор за површинските температури на морињата, 2025 година била трета најтопла досега, по рекордните 2024 и 2023 година. Научниците разликата меѓу површинската и длабинската топлина ја поврзуваат со слабеењето на климатскиот феномен El Niño во Тихиот Океан, кој обично се поврзува со повисоки температури на морската површина.

Истражувачите нагласуваат дека токму мерењата на длабинската топлина се особено важни, бидејќи на нив помалку влијаат краткорочните климатски појави. За разлика од површинските температури, топлината во подлабоките слоеви на океаните се смета за посигурен и подолгорочен показател за глобалното затоплување.

„Океаните апсорбираат повеќе од 90 проценти од вишокот топлина што ја задржуваат стакленичките гасови, што ги прави главен топлински резервоар на климатскиот систем. Затоа, океанската топлина претставува еден од најдобрите индикатори за долгорочните климатски промени“, наведуваат авторите на студијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни