Рекорден раст на производството на кокаин во Колумбија

Фото: Getty Images

Површината засадена со кока во Колумбија достигна рекордно ниво минатата година, се вели во годишниот извештај на ОН, пренесе Би-Би-Си.

Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) соопшти дека потенцијалното производство на кока се зголемило за 24 отсто од 2021 година.

Листовите на кока се клучната состојка во кокаинот, а Колумбија долго време е главен производител на нелегалната дрога. Површината засадена со грмушки од кока пораснала за 13%, а најголем пораст е забележан во пограничните области на Колумбија.

Речиси две третини од посевите на кока се наоѓаат во провинциите Нарињо и Путумајо, кои граничат со Еквадор, и во Норте де Сантандер, на границата со Венецуела.

Забележан е пораст од 77% во одгледувањето на кока во Путумајо, кој ја дели границата со Перу и Еквадор.

Кендис Велш, регионален директор на UNODC, рече дека е „загрижувачки што секоја година има зголемување на посевите на кока во земјата“.

Колумбискиот министер за правда Нестор Осуна рече дека неговата земја „ја израмнува кривата“ и дека стапката на пораст е многу помала отколку во 2021 година.

Меѓутоа, Леонардо Кореа од UNODC предупреди дека имало голем пораст на потенцијалното производство на кока во 2022 година.

„Посевите што беа млади минатата година сега достигнаа зрелост и сега се продуктивни. Со други зборови, стапката на раст во хектари се намалува. Но, стапката на производство на кокаин се зголемува“, рече тој.

И големината на површината засадена со кока во Колумбија и потенцијалното производство на кока се највисоки откако ОН започнаа со мониторинг во 2001 година.

Колумбија е најголем одгледувач на кока во светот, произведувајќи 60 отсто од кокаинот во светот, а потоа следат Перу и Боливија.

Претседателот Густаво Петро во саботата апелираше до неговите регионални колеги да се оттргнат од милитаризираниот пристап во борбата против употребата на дрога и наместо тоа да го гледаат како проблем на јавното здравје.

„Време е да се обнови надежта и да не се повторуваат крвавите и жестоки војни, лошо именуваната ‘војна против дрогата’, гледајќи ја дрогата како воен проблем, а не како здравствен проблем за општеството“, рече тој на Конференцијата за дрогата во Латинска Америка и Карибите која се одржа во Кали.

Фото: Getty Images

Неговиот мексикански колега, Андрес Мануел Лопез Обрадор рече дека е клучно „да се бориме пред сè против сиромаштијата и нееднаквоста и да понудиме работа и добри плати“.

Тој рече дека одгледувачите треба да бидат убедени „да се префрлат од садење марихуана, афион и кока на садење грав, пченка, какао и овошни дрвја“.

Мексико е база за некои од најмоќните транснационални нарко-картели кои ги контролираат патиштата за шверц од Јужна Америка до САД и Европа. Исто така, произведува големи количини на хероин, канабис, метамфетамин и синтетички опиоиди како што е фентанил.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни