Рекорден пад на населението во Јапонија: Се водеува пофлексибилно работно време и бесплатна грижа за деца

Јапонија има второ најстаро население во светот со средна возраст од 49,9 години, по Монако (56,9 години), според Светската банка

Населението на Јапонија се очекува да се намали за рекордни 900.000 луѓе во 2025 година, покажаа официјалните јапонски податоци објавени вчера, и покрај напорите на владата да се обиде да ја зголеми стапката на наталитет.

Минатата година, бројот на жители во Јапонија се намали за 908.574, или 0,75 проценти, и изнесуваше 120,65 милиони жители.

Пред неколку месеци, јапонскиот премиер Шигеру Ишиба изјави дека станува збор за „тивка вонредна состојба“ и вети дека ќе воведе мерки прилагодени за семејствата, како што се пофлексибилно работно време и бесплатна грижа за деца, во обид да се промени трендот.

Намалувањето на бројот на жители во 2024 година, што е 16-то последователно годишно намалување, е најголемо од почетокот на водењето податоци во 1968 година, објави вчера Министерството за внатрешни работи.

Од друга страна, бројот на странски жители достигна највисоко ниво откако започна регистрацијата во 2013 година со 3,67 милиони странци на 1 јануари 2025 година, што е речиси три проценти од вкупниот број жители на Јапонија.

Јапонија има второ најстаро население во светот со средна возраст од 49,9 години, по Монако (56,9 години), според Светската банка.

Гледано по возрасни групи, Јапонците на возраст од 65 години и повеќе претставуваат 29,58 проценти од населението, додека возрасната група од 15 до 64 години претставува 59,04 проценти од населението, а овие две групи забележаа голем пораст во споредба со 2023 година.

Според одделни податоци објавени од Министерството за здравство во јуни, бројот на новороденчиња во Јапонија паднал под границата од 700.000 за прв пат минатата година.

Според овие податоци, минатата година во Јапонија се родени 686.061 деца, што е за 41.227 деца помалку отколку во 2023 година. Ова е најниската бројка од почетокот на водењето на овие податоци во 1899 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни