Рекорден број цивилни жртви во Судан: октомври најкрвав месец од почетокот на војната

Октомври бил најсмртоносниот месец за цивилното население во Судан од почетокот на конфликтот меѓу армијата и паравоените Сили за брза поддршка (RSF) во април 2023 година, покажува анализа на агенцијата AFP базирана на податоци од организацијата ACLED, која го следи бројот на жртви во вооружени судири низ светот.

Според извештајот, во октомври се убиени 1.545 цивили, што претставува највисок месечен број жртви од почетокот на војната. Вкупниот број на загинати во истиот период изнесува околу 3.000 лица, нешто помалку од рекордот забележан во октомври 2024 година, кога RSF ги засили нападите во централната област Ал-Џазира.

Од април 2023 година до денес, ACLED има документирано речиси 49.800 загинати, од кои околу 15.300 се цивили. Се проценува дека вистинската бројка е и повисока поради недостапноста на многу зони погодени од судири. Најголемиот број на жртви се забележани во северен Дарфур (околу 14.000) и Картум (повеќе од 11.000).

Според податоците, само во градот Ал-Фашир, кој по 18 месеци опсада падна под контрола на RSF, во октомври се убиени над 2.000 цивили. Организацијата предупредува дека бројот на жртви може дополнително да расте поради прекини во комуникациите и недостиг на информации од теренот.

Во исто време, употребата на дронови во суданскиот конфликт нагло пораснала – во првите десет месеци од 2025 година се регистрирани повеќе од 700 напади, речиси тројно повеќе од 2023 година, при што животот го загубиле околу 1.900 лица.

Обединетите нации го оценуваат суданскиот конфликт како најтешка хуманитарна криза во светот, со милиони раселени, уништени градови и хроничен недостиг од храна, вода и медицинска помош.

Извор: Vijesti.ba

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни