Реклама за позната спортска марка, со помош на дронови на небото во Атина и над Акропол предизвика негативни реакции, како на социјалните мрежи, така и од опозициските партии, а од Министерството за култура соопштија дека ќе поднесат тужба до одговорните за „кршење на археолошкото законодавство“.
Доцна синоќа на социјалните мрежи беа објавени фотографии од рекламата со дронови, а најголеми негативни коментари и реакции имаше за онаа на која патика е точно над Акропол.
„Сликата на џиновска спортска патика како „го гази“ Акропол преку проекција на дронови претставува уште едно тажно потсетување за потребата од јасни институционални граници и почитување на нашето културно наследство“, реагираа од ПАСОК.
„Сликата од рој дронови на кој спортска патика „го гази“ Акропол за рекламни цели претставува навредлива комерцијализација на јадрото на нашето културно наследство“, пишува во реакцијата од СИРИЗА.

Од Министерството за култура на Грција соопштија дека „надлежните служби во текот на денот ќе поднесат тужба против секој што е одговорен за кршење на археолошкото законодавство“.
„Дополнително, Министерството е во контакт со Службата за цивилно воздухопловство, со цел да се испита дали се почитувала или не постапката за лиценцирање на прелет на беспилотни летала, согласно важечкото законодавство“, соопштија од Министерството за култура на Грција.
Од опозициските партии ПАСОК и СИРИЗА во нивните реакции потсетуваат дека Министерството за култура минатиот месец не му даде дозвола на режисерот Јоргос Лантимос да го снима неговиот филм на Акропол.