Кујната во РЕК „Битола“ е затворена по вонреден инспекциски надзор, откако десетици вработени побараа лекарска помош со симптоми што се појавиле по оброк во мензата. Инспекцијата утврдила сериозни хигиенски пропусти, но официјалните резултати од земените мостри и брисеви сè уште не се објавени.
Според инфектологот во Клиничката болница во Битола, лекарска помош побарале околу 120 лица, додека од РЕК соопштиле дека на преглед се јавиле 81 вработен. Дел од работниците, според објавените информации, јаделе лазањи со сос пред да се појават симптомите.
Вонредниот надзор, спроведен од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, утврдил дека во централната кујна имало низа пропусти во хигиената. Под елементите во делот за готвење биле затекнати масни наслаги, во делот за обработка на месо пластичните даски биле со оштетена површина, во фиоките за чување инвентар имало нечистотии, а миксер за месо што, според одговорното лице, не се користел, бил најден со засушени остатоци од храна. Дополнително, во делот за миење прибор одводот од мијалникот не функционирал, а и во кујната во Суводол, каде што се транспортира и пакува храната, санитарно-хигиенската состојба не била на задоволително ниво.
Инспекцијата утврдила и пропусти кај дел од вработените. Во кујната се ангажирани 59 лица, а за 56 биле доставени санитарни книшки со навремено извршен здравствено-хигиенски преглед. За тројца, пак, рокот за преглед бил истечен, а според ДЗСИ, токму на 23 и 24 март работеле лица за кои не биле доставени санитарни книшки или немале извршено здравствено-хигиенски преглед.
Покрај затворањето на кујната, наложено е генерално чистење и дезинфекција на просторот и опремата во Термото и Суводол, како и вонредни здравствено-хигиенски прегледи за сите вработени. Земени се брисеви од раце и нос кај вработените, од работни површини и апаратура, како и девет примероци од храната. До објавувањето на веста, официјални резултати од мострите и брисевите немаше. Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека забраната за подготовка и послужување храна ќе важи сè до завршување на инспекциската постапка и добивање уредни лабораториски наоди.
Од ЕСМ и „Молика“ велат дека затворањето на мензата е превентивна мерка и дека засега не може со сигурност да се каже дали станува збор за труење со храна или за вирусна инфекција, особено во период кога има зачестени вирусни заболувања. Но токму затоа прашањето „со што се затруја работниците“ засега останува без конечен одговор. Она што е познато е дека надзорот открил сериозни пропусти во услови каде се подготвувала и пакувала храната за вработените.