Во атмосфера полна со енергија, инспирација и нови идеи, овогодинешната 8-ма Регионална конференција за е-трговија уште еднаш покажа зошто е најочекуваниот настан за дигиталната заедница во регионот. Националната опера и балет на 4 ноември беше преполна со менаџери, маркетери, претприемачи, претставници на организации и лидери кои дојдоа да ја „забрзаат“ иднината под мотото „Fasten the Future“. Со повеќе од 900 учесници од над 10 земји и 25 говорници од водечки глобални и локални компании, конференцијата уште еднаш го постави Скопје на мапата на регионалните центри за е-трговија и дигитална трансформација.

Со две паралелни сцени кои создаваа динамичен простор каде идеите, технологијата и инспирацијата се преплетуваа, оваа година настанот го надмина концептот на класична конференција и се претвори во жив екосистем кој ги обедини податоците, однесувањето на потрошувачите, лидерството, маркетингот и вештачката интелигенција. Така, е-трговијата уште еднаш ја потврди својата централна улога во поврзувањето на бизнисите, потрошувачите и технологијата, создавајќи нови можности и стандарди.
Меѓу главните теми, особено се издвојуваше вештачката интелигенција (AI) – реалност што веќе го менува начинот на кој бизнисите размислуваат, комуницираат и создаваат вредност. Преку креативни презентации и дискусии на експерти од водечки компании како TikTok, Booking.com, Dolce & Gabbana и други, учесниците слушнаа како AI влијае врз маркетингот, персонализацијата, плаќањата и безбедноста, но и како иновативноста, креативноста и технологијата заедно ја обликуваат иднината на е-трговијата.

Од Асоцијацијата за е-трговија истакнуваат дека конференцијата годинава го надмина секое очекување и потврди дека заедницата расте со брзина на која треба да се гордееме. Тие нагласија дека темата за AI ја отвори значајната дискусија за тоа како технологијата може да ја подобри оперативноста и продуктивноста и со тоа да го забрза растот на е-трговијата, како и како да ја поттикне довербата, транспарентноста и иновативноста во дигиталниот свет.
Со инспиративни говори, одлична организација и рекордна посетеност, конференцијата уште еднаш ја потврди својата улога како водечки регионален настан што ги спојува иновацијата, технологијата и претприемништвото. Конференцијата испрати јасна порака: вештачката интелигенција е темел врз кој се гради иднината на е-трговијата и се овозможува на бизнисите да создаваат попаметни, поодговорни и поиновативни решенија.
Инаку, конференцијата оваа година беше поддржана од Visa како платинум партнер, Halkbank како стратешки партнер, Korpa како партнер за храна и достава, Brainster како AI партнер, A1 како дигитален партнер, а Ananas и Casys како златни партнери. Сребрени партнери беа Комерцијална банка, IUTE, Филип Морис Интернационал, Сава пензиско друштво, Гранд Скопје, Public Cloud Group и Wolt, заедно со повеќе бронзени партнери.