Во Париз, во седиштето на УНЕСКО, потпишан е историски Договор за финансирање на повторно воспоставување заедничка постојана поставка во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау во Република Полска. Проектот, кој се реализира во соработка со државите од регионот – Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, Северна Македонија и Словенија, претставува значаен чекор кон сочувување и обелоденување на историскиот наслед на Холокаустот.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, чие присуство во Париз не беше можно, ја поздрави церемонијата и изрази благодарност кон УНЕСКО, генералната директорка Одре Азуле, Австрија и Полска, како и кон министрите на земјите учеснички. Таа истакна дека овој Договор е манифест за силна регионална соработка и чекор кон зачувување на историјата и спомените од Холокаустот.
“Овој договор е манифест на силна регионална соработка базирана на доверба и разбирање, и уште една потврда дека дијалогот е најхомогениот медиум кој носи решенија преку кои се продолжуваат пораките за почитување на универзализмот и хуманизмот,” порача министерката Костадиновска-Стојчевска.
Проектот вклучува дизајн на блокот 17 од страна на архитектот Даниел Либескинд. Воспоставувањето на заедничка поставка во овој блок ќе служи како траен спомен и меморијал за жртвите на Холокаустот, со цел да не биде заборавено и да послужи како усовршување на образованието и споделувањето на историскиот учебник во регионот и понатаму.