„Рефлексии“: Ретроспективна изложба за Ратка и Димче Протугер во Чифте Амам

Мултимедијалната поставка отвора поглед кон животот, отпорот и уметничкото наследство на едно непокорно творечко двојство

Во просторот на Националната галерија – Чифте Амам, на 20 декември со почеток од 19 часот ќе биде отворена ретроспективната мултимедијална изложба „Рефлексии“, посветена на животот и творештвото на Ратка Ковачева Протугер и Димче Протугер, две фигури чие дејствување остави длабока трага во политичката, културната и уметничката историја.

Изложбата е во продукција на Атриум и претставува резултат на едногодишен истражувачки и продукциски процес, чија цел е да се прикаже слоевитоста на наследството што ова творечко и животно двојство го оставило зад себе. Преку мултимедијални содржини, архивски материјали и уметнички интерпретации, „Рефлексии“ нуди современ прочит на нивниот ангажиран однос кон слободата, отпорот и автономијата.

Кураторката и историчарка на уметност Јованка Попова во својот текст ја нагласува токму таа двојност како суштинска оска на изложбата. Според неа, животниот и уметничкиот пат на Ратка и Димче Протугер не може да се сведе само на биографски податоци, туку функционира како паралелен запис на две форми на отпор: политички и уметнички.

Ратка Протугер, партизанка и активистка, учествува во борбата за политичка слобода преку директен ангажман, колективна жртва и дејствување во време на историски пресврт. Димче Протугер, пак, како сликар и педагог, ја практикува слободата како метод – преку постојано отфрлање на догмата, идеолошките наративи и каноните на социјалистичкиот реализам, инсистирајќи на уметничка автономија и критичка мисла.

Организаторите упатуваат јавна благодарност до семејствата, потомците и пријателите кои активно придонеле за реализацијата на изложбата, меѓу кои се членовите на семејството Протугер, Тошевски, Лазаревски, како и до бројни соработници и истражувачи вклучени во проектот.

Истражувачкиот тим го сочинуваат Ива Рајчевска, Дино Чупевски и Матеј Лазаревски, додека проектниот тим работеше во состав Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска и Деспина Ралевска. Текстовите во придружната публикација се потпишани од Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова и Воденка Протугер Тошевска, а визуелниот идентитет го обликуваа Ива Јованова (дизајн), Александра Костадиновска (фотографија) и Исток Чаповски (видео).

Проектот е реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Контура.

Изложбата „Рефлексии“ ќе биде отворена за посетители до 27 декември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни