„Денеска свечено ја промовиравме редовната шпедитерска линија Прилеп-Липов Дол-Витолиште, со која жителите од мариовскиот регион конечно ќе имаат редовен превоз до и од Прилеп. Се стигнува за само осум часа, а билет плаќа кој колку има! Најеколошка и засега единствена опција за организиран јавен превоз до овие места“, велат од „Магаре превоз“.
Вака би гласела веста доколку не беше креативна акција на Здружението СТАНИЦА П.Е.Т. кое на сатиричен начин укажа на неможноста жителите од мариовските села да ги остварат своите основни секојдневни потреби како што се купување намирници, здравствени и други јавни услуги, банкарски услуги, вадење на документи, а сето тоа поради недостатокот од јавен превоз. Нецелосната санација на патот, на кој во некои делови се чини дека единствено шпедитер може да помине, дополнително ја влошува ситуацијата.
„На цела територија на Мариово живеат вкупно 500 луѓе и за нив мора да се најде некакво решение на јавен транспорт со кое ќе можат да стигнат до градот, барем два пати во неделата. Претежно живеат постари луѓе, а голем дел од помладите се без автомобили. Дури и тие што имаат не можат да ги возат по патот, кој е во повеќе од лоша состојба. Постојат разни примери во светот на субвенциониран јавен превоз за вакви случаи. Во зависност од надлежностите, локалните или државните власти мора да реагираат. Наместо како што сега жителите плаќаат по 50 евра на такси, ќе плаќаат билет по реална цена, а остатокот од трошоците ќе се надополнува со субвенционирање“, вели Никола Писарев, активист.
Од Здружението СТАНИЦА П.Е.Т. потенцираат дека надлежните наместо да преземат мерки за заживување на живописниот мариовски регион, се чини дека единствено чекаат овие места целосно да изумрат.
„Активистите и Здружението СТАНИЦА П.Е.Т. од Прилеп не сме држава, немаме ниту средства ниту моќ, а луѓето имаат проблем. Затоа низ еден ваков настан сакаме да делуваме на јавната свест како јавноста ќе притиска врз елитите кои можат да го решат овој проблем. До сега е пробано со писма од месни заедници и се искористени сите можни механизми и намело никакви реакции. Се надеваме дека јавниот притисок, многу поширок од прилепско-пелагонискиот регион, ќе придонесе кон решавање на овој проблем. Луѓето имаат претставници во месните заедници кои бараат решени, а ние на еден наш начин сакаме да им помогнеме“, додава Писарев.
Пародичниот настан е дел од проектот Пристап до правда за најмаргинализираните кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија , ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и СТАНИЦА П.Е.Т со поддршка од Европската Унија.