Редица за масажа, девојките се инспирација за младите претприемачи

Приказната за успешен стартап бизнис година и половина ја пишуваат две млади, амбициозни девојки, едната од Пехчево, другата од Берово. Ивона Димитровска и Ангела Пуреовска како дипломирани физиотерапевти, на свои 25 години се одлучуваат на храбар чекор да основаат професионално студио за масажи кое ќе понуди поинаков, поразличен концепт на работење. Компанијата Reflex ја развиваат преку квалитет и препораки меѓу клиентите, а не со класичен маркетинг за промовирање. Водени од идејата дека задоволен клиент е најдобриот маркетинг Димитровска и Пуреовска и ден денес постојано се надградуваат, преку разни семинари надвор од Македонија.

Како започна вашата приказна, верувавте ли дека за толку брзо ќе дојде до редица за професионална масажа?

-Приказната за Reflex започна да се гради во период кога многу компании ставаа клуч на врата, во периодот на ковид пандемијата, односно втората половина на 2021 година. Се водевме од неколку клучни моменти, а првенствено од фактот што нашата професија воопшто не е ценета, а со тоа и платена во Македонија. Од друга страна сите знаеме колку е тешко млад човек да може да функционира особено во Скопје. И тука некој ќе рече па што не си останавте од каде што сте. Одговорот на ова прашање е што таму дури да сакате било што да работите нема кој да ги користи услугите, луѓето масовно си заминуваат. По дипломирањето работевме во компанија каде меѓу другото се нудеа масажи, но нас не гледаа само како работна рака, без да ги согледаат сите наши професионални вештини. Од денешна перспектива добро е што не плаќаа минимално. Ако имавме малку подобри плати можеби немаше да се впуштиме во градењето на нашиот бизнис.

фото:Ангел Ангеловски

Седнавме и направивме концепт, во меѓувреме посетивме десетина дополнителни обуки за разни мануелни техники, масажи кои се прават исклучиво со раце без употреба на апарати. Не се штедевме да учиме! Стекнавме бројни сертификати од признаени обуки во повеќе земји. Неколку месеци баравме соодветен простор, сами го уредивме со наши раце. Искрено многумина не веруваа и беа вистински скептици. Тоа уште толку не мотивираше да се вложиме и преку знаење и многу труд да градиме сопствен бизнис. По еден месец административни протоколи ја основавме нашата компанија – професионално студио за масажи.

На почетокот се водевме по правилото ако си ги покриваме трошоците добри сме, но како велат, добриот глас на далеку се слуша. Секој клиент кој еднаш ќе не посетеше го пренесуваше позитивното искуство на своите блиски луѓе кои подоцна ни стануваа нови клиенти. За неколку месеци веќе се правеше „гужва“ за кој да резервира терман за една од десетината професионални масажи кои ги нудиме. Така некако започна нашиот START UP кој и ден денес продолжува со тоа темпо.

Накратко успеавме затоа што имавме силна желба да го работиме тоа што го сакаме, а и не застанавме со вложување во знаење кое го преточуваме во квалитет.

Која е тајната на успехот, решителноста, младоста, ризикот?

Нема тајна на успехот, ха ха ха. Квалитетот и посветеноста ги даваат резултатите. Особено на почетокот мислевме дека е потребно големо вложување во маркетинг активности за да можеме да излеземе од анонимност. Но за кратко време се покажа дека квалитетот е тој кој не издвои од огромната конкуренција. Иако вложивме дел во класичен маркетинг слободно можеме да кажеме дека за нас многумина слушнаа од лична препорака од задоволни клиенти.

Многу е мал бројот на луѓе кои не посетиле и ни кажале, видовме реклама за вас. Скоро сите наши клиенти се дојдени по препорака од некој кој веќе не посетил и тука не застанал, напротив и понатаму е наш редовен корисник на услугите. Успехот се гради трпеливо, пред се со знаење и квалитет, но и лојалност кон клиентите. Сите наши клиенти во зависност од масажите кои ги користат добиваат низа поволности, како пакет понуди со цени кои се достојни за македонскиот стандард.

Исто така постојаното вложување во уредување на ентериерот, по терк на желбите на клиентите го дава резултатот. Нашиот простор е уреден по правилото на хармоничност и топлина во просторот. Едно непишано правило кое владее тука е пријателски, секако и професионален, однос кон секој клиент без разлика дали е нов или веќе постојан. Секогаш се трудиме да го промениме тоа кое за некои од клиентите е пречка, односно на нештото гледа со поинаква перспектива.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни