РЕДИ Рециклажа го прекинува работењето во Карпош и Центар поради административни пречки

Социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, првото и единствено со лиценца за управување со неопасен отпад во земјава, соопшти дека е принудено да ги прекине своите активности во општините Карпош и Центар поради административни пречки.

„Од страна на Општина Карпош, беше побарано ослободување на просторот што РЕДИ Рециклажа привремено го користеше согласно Меморандумот за соработка. Поради недостиг на соодветен временски период за пронаоѓање алтернативна локација, приморани сме да ја суспендираме нашата бесплатна услуга за примарна селекција на отпад во овие општини“, стои во соопштението.

Од 2021 година, оваа организација им овозможуваше на жителите на Карпош и Центар примарна селекција на пластика, хартија и електронски отпад, директно од нивните домови и деловни простории. Преку 20.000 граѓани биле вклучени во овој модел на локално управување со отпад.

„Свесни сме за влијанието на овој прекин врз граѓаните. Последниве денови добиваме бројни јавувања и прашања во врска со укинувањето на услугата. Искрено жалиме што не можевме да обезбедиме континуитет и уверуваме дека сите наши напори се насочени кон пронаоѓање ново решение.“

Според најавите, кантите ќе бидат повлечени до крајот на оваа недела, а услугата ќе продолжи во другите две општини каде што РЕДИ Рециклажа е активна – Кисела Вода и Аеродром.

РЕДИ Рециклажа е позната по својот инклузивен пристап, каде неформалните собирачи, најчесто од Ромската заедница, добиваат формално вработување и учество во системот за одржливо управување со отпад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни