Здружението за економски развој и инклузија (РЕДИ) активно работи на подобрување на економските услови и создавање на инклузивен екосистем за ромските заедници во Западен Балкан и Европа. Оваа организација, која претставува мрежа на профитни и непрофитни организации, има различна структура и обем на активности, што овозможува сеопфатен пристап кон развојот на ромските заедници. Поразговаравме со Надире Реџепи, претседател на здружението РЕДИ и директор за западен Балкан околу активностите и суштината на Реди.
„РЕДИ започна со иницијатива да направи нешто што ќе донесе имапкт и промена во заедницата“, истакна Реџепи. Основната цел на организацијата е да овозможи подобар пристап до финансиски средства за ромските претприемачи, преку фондацијата која нуди кредити на микрофинансиски институции и социјалните претпријатија како РЕДИ Рециклажа.
Еден од клучните примери за успех е Шуто Оризари, каде многу луѓе, и покрај недостатокот на високо образование, се успешни претприемачи. „Шуто Оризари е препознатлив по својот претприемачки дух“, нагласува Реџепи, додавајќи дека тука има потреба од поддршка за следење на зелените агенди, дигитализација, роботика и други современи трендови.
Првичното фокусирање на пристапот до финансиски средства еволуираше во создавање на еден целосен екосистем за економски развој на ромските заедници. „Користиме различни програми насочени кон развој на претприемачите, линкување со институциите и поддршка за вработување, особено во соработка со Агенцијата за вработување“, вели Реџепи. Дополнително, пилотираат нови програми кои се насочени кон дигитализација и зелена агенда.
Од 2018 година, РЕДИ има имплементирано барем десет проекти во Македонија, со што се гордеат, особено со проектот РЕДИ Рециклажа, кој помага во формализирање на неформалните собирачи на отпад и пилотирање нови мерки кои можат да бидат пример за општините и владините институции.
„РЕДИ фонд нуди кредитирање до микрофинансиски институции, а невладината организација стои со техничка поддршка за да осигура дека претприемачите се успешни и финансиски стабилни“, објаснува Реџепи. Оваа целокупна поддршка овозможува развој на бизниси и отворање нови работни места за Ромите.
Дополнителен успех е програмата за дигитализација, која нуди еден-на-еден менторски обуки, брендинг, маркетинг и целосен пакет услуги за дигитална продажба на бизнисите преку онлајн мрежите.
Реџепи ја истакнува и личната мотивација за својата работа: „Јас сум Ромка, имам магистерски студии по економски политики. Секогаш ме интересирало да помогнам за намалување на сиромаштијата и отсекогаш сум сакала да и возвратам назад на мојата заедница.“
Со овие активности, РЕДИ продолжува да создава позитивни промени и економски развој за ромските заедници, поставувајќи ги основите за еден инклузивен и одржлив економски екосистем.