Red Hot Chili Peppers се оградија од Netflix документарецот за бендот

Бендот појаснува дека нема креативна поврзаност со филмот, кој всушност е посветен на покојниот гитарист Хилел Словак

Членовите на легендарниот бенд Red Hot Chili Peppers јавно се дистанцираа од документарниот филм „The Rise of the Red Hot Chili Peppers“, кој наскоро треба да биде прикажан на Netflix. Во заедничко соопштение, пејачот Ентони Кидис, басистот Фли, тапанарот Чад Смит и гитаристот Џон Фрушијанте истакнуваат дека со филмот „немале никаква креативна врска“.

Документарецот, кој беше најавен минатата недела, се фокусира на раните години на бендот во Лос Анџелес и на оригиналниот гитарист Хилел Словак, кој почина во 1988 година од случајно предозирање со хероин. Иако филмот содржи интервјуа со Кидис и Фли, бендот преку Инстаграм нагласи дека проектот не треба да се третира како официјален документарец за Red Hot Chili Peppers.

„Пред околу една година бевме замолени да дадеме интервјуа за документарец посветен на Хилел Словак – еден од основачите на бендот, извонреден гитарист и наш пријател. Прифативме од љубов и почит кон него. Но, документарецот сега се промовира како филм за Red Hot Chili Peppers, што не е точно. Немавме никаква креативна улога во неговата изработка“, наведуваат членовите на бендот. Тие додаваат дека сè уште не постои официјален документарец за историјата на бендот и изразуваат надеж дека филмот ќе го поттикне интересот за животот и делото на Словак.

Режисер на документарецот е Бен Фелдман, кој проектот го опишува како „длабоко препознатлива приказна за пријателствата што го обликуваат идентитетот и за трајната сила на врските создадени во адолесценцијата“. Извршен продуцент е братот на Хилел Словак, Џејмс Словак.

Филмот „The Rise of the Red Hot Chili Peppers“ премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал минатата година, а на Netflix ќе биде достапен од 20 март. Оригиналната постава на бендот ја сочинуваа Кидис, Фли, Џек Ајронс и Словак, а по неговата смрт бендот помина низ бројни промени во составот, пред да стане едно од највлијателните имиња во историјата на алтернативниот рок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни